Западен Балкан може брзо да се приклучи кон европскиот стандард преку иновации Фото: Игор Бансколиев

Мора да се надмине проблемот со ниското ниво на иновативност и креативност, кои не се ни еден отсто од она што се постигнува во ЕУ, согласни беа панелистите на самитот „Зајакнување на моментумот за европска интеграција“ на „Економист“, кој се одржа во Скопје

Недостиг од квалификуван кадар, иселувањето на граѓаните од Македонија, но и од регионот, како и проблемите со владеењето на правото, недостатоците во образовниот систем и недоволната соработка меѓу образованието и бизнис-заедницата беа посочени како пречки за развој на економијата на Западен Балкан. Учесниците на самитот „Зајакнување на моментумот за европска интеграција“ на „Економист“, кој се одржа во Скопје, ги изнесоа своите ставови околу нискиот економски раст, но и околу можностите за овие земји побрзо да се приклучат кон европскиот стандард. Заеднички став на панелистите е дека брз раст без иновации и новитети нема, а говорниците исто така се согласни дека клучна улога во економскиот раст имаат и работниците.

– Последните податоци на Евростат покажуваат дека секоја година од регионот си заминуваат 280 илјади луѓе, што значи дека брзо можат да се одлеат луѓето од овие земји. Еден од брзите начини да се напредува е преку дигитализцијата. Не смееме да заборавиме дека луѓето не мигрираат само за добра плата, туку и за подобар живот, за подобро образование и подобри социјални услуги – посочи Матео Ривелини од Европска инвестициска банка.

Претставникот на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Бојан Марковиќ, истакна дека генерално има подобрување на целосната ситуација во Западен Балкан, но додаде дека сѐ уште има многу сегменти на кои треба да се работи.
– Слушнав дека со потпишувањето на Преспанскиот договор пораснала трговската размена меѓу Северна Македонија и Грција, што е добар знак, но потребна е уште повеќе работа. Мора да има поголем и подобар пораст. Има неколку работи што треба да ги направиме за да се оствари побрз економски раст. Платите се многу помали од европските земји, а за да одиме напред, растот на економијата не можеме да го темелиме на ниската цена на трудот. Мора да се имаат предвид нискиот прираст на населението и одливот на граѓаните. Растот мора да се темели на продуктивност, а продуктивноста на иновации. Мора да се надмине проблемот со ниската иновативност и креативност, кои не се ни еден отсто од она што се постигнува во ЕУ – истакна Марковиќ.

Тој исто така посочи дека мора да се постигне подобро ниво на владеење на правото.
Македонскиот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев нагласи дека ако се разгледаат подетално странските директни инвестиции во земјава ќе се види дека недостигаат компании што ќе произведуваат финални производи и кои ќе можат повеќе да соработуваат со домашните компании. Исто така, според него, потребни се работници во областа на техничките струки, но и компании што ќе даваат поголеми плати, бидејќи на тој начин ќе бидат мотивирани младите да останат во државата, а не да заминуваат во странство каде што стандардот е повисок. Тој исто така истакна дека ни требаат и силни домашни компании, кои со знаење и со новитети ќе успеат да ги пласираат своите производи на странски пазари.

– Предности на регионот се локацијата, блискоста до европските пазари, но и стабилноста на инвестициите и трговијата, како и добрата инфраструктура. Западен Балкан има предности, но за да се зголеми растот на економијата треба да се зголеми продуктивноста. И тоа е неопходно кај целиот Западен Балкан. Продуктивноста може да се постигне со комбинирање на ресурсите. Но основата за развој на бизнисот е и да имате силни закони, кои ќе се спроведуваат на терен, што е предизвик за целиот регион. Владите тука можат да влијаат, да се применува законот и на тој начин да се привлечат инвеститори – кажа Марко Мантованели од Светска банка.

Тој исто така се осврна на проблемот во образованието, нагласувајќи дека низ образовниот процес не се создаваат ниту основните вредности кај учениците. Според него, треба да се обрне внимание на образовниот систем, но многу е важно да се работи заедно со приватниот сектор, за да се увиди што е потребно за да се добие соодветна работна сила.

– Само 30 отсто од компаниите во 2016 година имаат воведено нов производ или услуга, што покажува дека нема партнерство меѓу образованието и компаниите, нема иновации, што дополнително ја влошува економската состојба – истакнува Мантованели.

Недостигот од работна сила го истакна и претседателот на управниот одбор на ЕВН, Штефан Петер, според кого, работна сила е најдобра ако има вештини и ако има конкурентска цена.

– Работниците ја напуштаат државата. Дури два отсто од населението си заминуваат секоја година. Па ако од една страна има голем одлив на работници, а од другата поголема побарувачки на работници, автоматски има раст на платите. Но дали тоа ќе привлече други инвестиции. Тоа е парадокс за кој мора да се размислува, дали за следните инвеститори ги имаме потребните работници – прашува Петер.