Економската соработка меѓу Македонија и Финска не е на задоволително ниво иако постојат можности за интензивирање, сметаат бизнисмените од двете држави кои денеска во Скопје на бизнис форум ги разгледаат опциите за идна соработка.

Финските компании се особено заинтересирани за македонските текстилни производи и за индустријата на пластика, а од македонска страна многу повеќе се увезува отколку што се извезува. Трговската размена изнесува 12 милиони евра.

– Со Финска немаме отворени политички прашања. Размената меѓу државите оди во надолна линија тоа значи дека немаме стандардизирана соработка на повеќе основи и се надеваме дека ќе воспоставиме директни конкуникаски линкови коишто ќе овозможат соработката да трае константно во нормален размер – изјави претседавачот на Собранието нa Стопанската комора на Македонија, Антони Пeшeв пред почетокот на бизнис форумот.

За финскиот амбасадор во Србија, задолжен и за Македонија и за Црна Гора, Перти Иконен соработката не е на задоволително ниво, но тој се надева дека со приближувањето на Македонија кон ЕУ, сѐ повеќе ќе се зголемуваат нејзините економски соработки со сите земји членки на Унијата.

– Со приближувањето на Македонија кон ЕУ, се приближуваме сите ние – изјави Иконен.

Според македонскиот министер за економија Крешник Бектеши, има голем простор за подобрување на соработката, со оглед на фактот што  вкупната трговска размена меѓу двете земји е со релативно мал обем и во периодот 2015–2017 година се движи меѓу 9,1 и 16,8 милиони евра, додека кај инвестициите во периодот од 1997-2017 година е регистриран прилив од Финска во износ од 1,4 милиони евра што претставува 0,03 проценти во однос на вкупните странски директни инвестиции во Македонија.

Денешниот бизнис форум е организиран од Стопанската комора на Македонија  во соработка со Финската амбасада во Република Србија и „Finnpartnership”.