Фото: Игор Бансколиев

Претставниците на бизнис-заедницата го потврдуваат огромното значење на владините планови за квалитетно сообраќајно поврзување и укажуваат оти сега е неопходна и нивна доследна примена заради побрз проток на луѓе и стоки меѓу градовите во земјава, но и кон соседните држави

Изградбата на автопатиштата и на железничката инфраструктура повторно се најде во приоритетните планови на Владата при реализација на буџетот за 2021 година. Во согласност со најавите, следната година се планира имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, гасификација, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот, социјалниот систем, правосудството, земјоделството, како и заштитата на животната средина.
Претставниците на бизнис-заедницата го потврдуваат огромното значење на владините планови за квалитетно сообраќајно поврзување и укажуваат оти сега е неопходна и нивна доследна примена заради побрз проток на луѓе и стоки меѓу градовите во земјава, но и кон соседните држави.
– Патната инфраструктура секогаш била и ќе остане клучна тема за развојот на стопанството и земјата. Особено инвестирањето во овие кризни периоди во кои се наоѓаме ќе придонесе за поддршка на економските субјекти.

Но притоа не само инвестирање во патишта и автопатишта туку и железницата треба да се форсира и што побрзо да се изгради и модернизира. Со железницата ќе добиеме поевтин и поеколошки превоз. Со подобрување на инфраструктурата ќе бидеме како земја поинтересни за странските, но и за домашните инвеститори – вели претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи.
Од бизнис-заедницата укажуваат дека со подобра инфраструктура ќе се постигнат многу подобри резултати, бидејќи со добри патишта или квалитетно поврзување ќе има непречен проток и на стока и на луѓе. Со квалитетно поврзување ќе се овозможи и работната сила побрзо да пристигнува на посакуваната дестинација, но и полесно ќе одлучуваат да патуваат кон некој од градовите низ земјава каде што имаат можности да се вработат.
– Постојано се спомнуваат значењето на инфраструктурата и потребата од нејзина обнова и изградба на соодветна патна, но и на железничка инфраструктура. Може слободно да се каже дека од исклучително значење е соодветната патна поврзаност, без оглед дали зборуваме за автопатишта, дали за поврзаност со логистички центри, поврзаност на локално или регионално ниво. Ако имаме добар пат, луѓето ќе го користат за комуникација, за инвестиции во инфраструктурни проекти, ќе се зголемат инвестициите поради полесната и побрза достапност. Со подобрување на патиштата голема бенефиција ќе се почувствува врз секторот туризам, а секако поволно ќе се одрази и врз конкурентноста на компаниите – објаснува Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија.

Бошков дополни дека при самото проектирање и планирање на одредени патишта, државата истовремено треба да испланира и да предвиди локации за бензински пумпи, за продавници за купување основни продукти, односно за стојалишта на кои истовремено ќе може да се купат вода или други намирници…
– На овој начин ќе ја развиваме придружна економија каде што има голем потенцијал за развој, за трговија. Луѓето имаат потреба да купуваат основни продукти при патување и тоа навистина недостига на нашите патишта. Исто така со изградба на патишта и со подобрување на патната поврзаност меѓу градовите низ земјава, не само изградба на автопатишта туку и со локално подобрување на поврзаноста, ќе се овозможи размена на работна сила. Со отворањето на казината во Гевгелија или, пак, при изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, но и фабриката во Кавадарци се покажа дека луѓето се подготвени да патуваат од еден во друг град за да работат.

Замислете да има крак железница кон фабриката во Кавадарци и да можат луѓето со воз да патуваат дотаму. Во тој регион има железница, само недостига поврзување со оваа фабрика. Секаде во светот при ваква блискост веднаш се пристапува кон железничко поврзување, бидејќи со тоа се влијае значително врз подобрување на животната средина, се намалуваат издувните гасови во воздухот – посочува Бошков, додавајќи дека недостига и крак на железницата кон аеродромот во Скопје.
Тој дополни дека со развој на железницата, покрај развојот на патната инфраструктура значително ќе се намали потреба од користење камионски транспорт и ќе се намалат издувните гасови во воздухот.