Фото: Игор Бансколиев

Ризиците за економијата ќе постојат и оваа година, со оглед на тоа што кај нас вакцинацијата ќе почне подоцна и, веројатно, побавно ќе се одвива, објаснуваат домашните експерти, откога од Европска централна банка прогнозираа дека економијата на еврозоната ќе закрепне оваа година, под услов мерките за борба против пандемијата да бидат укинати на крајот на март и навреме да се дистрибуираат вакцините против ковид-19

Додека најголемата надеж за надминување на последиците од пандемијата и на здравствен и на економски план низ светот е вакцинацијата, економските експерти во нашата држава велат дека ризиците ќе постојат и оваа година, со оглед на тоа што кај нас вакцинацијата ќе почне подоцна и, веројатно, побавно ќе се одвива.
Од Европската централна банка (ЕЦБ) прогнозираа дека економијата на еврозоната ќе закрепне оваа година, под услов мерките за борба против пандемијата да бидат укинати на крајот на март и навреме да се дистрибуираат вакцините против ковид-19. ЕЦБ во декември објави дека очекува годинава економијата во еврозоната да порасне за 3,9 проценти, предвидувајќи постепен крај на пандемијата. Но уште на средината на јануари оваа година изгледите за закрепнување беа намалени, со повторното засилување на пандемијата и со сѐ порестриктивните мерки за ограничување на движењето и активноста во земјите од еврозоната, вклучувајќи ги Германија и Франција, како и со бавната кампања за вакцинација.
Кристин Лагард, сепак, ги потврди економските прогнози на ЕЦБ од декември, велејќи дека тие се засноваат на претпоставка за одредени ограничувања.
– Јас мислам дека нашите најнови проекции од декември сѐ уште се во голема мера веродостојни. Тие се темелат на претпоставката дека ограничувачките мерки ќе останат во сила во првиот квартал – истакна Лагард.

Каде е границата на издржливоста

Според претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, развојот на нашата економија зависи од случувањата во Македонија, но исто толку и од случувањата во земјите што се наши најголеми трговски партнери. Тој вели дека ниту поголемите држави не можат да се развиваат ако немаат голема трговска размена со странство, а пак за мала држава како нашата тоа е единствениот излез.
– Проблемите што ги носи коронавирусот зависат од здравствената состојба во земјата, но и од здравствената состојба во странство. Сведоци сме дека во последните недели бројот на заразените во земјава се намалува, но во Европа и во Германија, како наш најголем трговски партнер, сѐ уште имаме масовно затворање на продажните објекти и ова предизвикува сторнирање на нарачките на стоки од Македонија – објаснува Димитров.
Тој нагласува дека многу е важно колку ќе трае сето ова. И ако и во Германија почнат со одредено олабавување на мерките, како што почнува деновиве кај нас, тогаш може да се надеваме дека за два-три месеци ќе почне економијата да закрепнува.
– Но ако проблемите со вирусот потраат до јуни, тогаш стравувам дека ниту Владата ќе може да најде средства за нова финансиска помош, ниту пак компаниите ќе издржат во битката за опстанок. Се разбира, ова ќе биде различно од дејност до дејност, но по завршувањето на финансиската помош, ако кризата продолжи и понатаму, тоа ќе предизвика големо зголемување на невработеноста – истакна Димитров.

Закрепнувањето ќе зависи од брзината и од обемот на вакцинацијата

Тој додава дека закрепнувањето на економијата ќе зависи и од брзината и од обемот на вакцинацијата на населението и затоа е неопходно да се направат сите напори за побрзо пристигнување на вакцините во земјата.
– Кризата недвосмислено покажа дека здравствените проблеми директно се рефлектираат во економијата и предизвикуваат економски проблеми – објаснува Димитров.
Од Сојузот на стопански комори велат дека македонската економија во трите квартали на 2020 година како последица на пандемијата забележа пад од 5,9 отсто.
– Значителното забавување на економијата, која е во голема мера зависна од трговијата и инвестициите од земјите од Европска Унија, ќе продолжи во следниот период. Малите и средните претпријатија, претежно од производствениот, услужниот и туристичкиот сектор, сѐ уште се меѓу најпогодените, но еднакво се во лоша состојба и другите сектори, со некои исклучоци – појаснуваат од ССК.
Оттаму додаваат дека стапките на невработеност се зголемени, но дека и состојбите на пазарот на трудот се влошуваат, тоа дополнително ќе ги усложни состојбите, а без конкретни финансиски и добро целени мерки повторно следува тежок период и оваа година.
– Иако се најавува закрепнување на еврозоната, сепак и таму се воведуваат рестрикции, кои може да имаат негативно влијание на економијата. Со оглед на состојбите, евентуалното закрепнување во еврозоната нема значително да ги подобри нашите економски текови, бидејќи на национално ниво сѐ уште се соочуваме со рестрикции и предизвици од здравствената криза, кои не може со сигурност да се каже кога ќе се надминат – нагласуваат од ССК.
Тие велат дека годинава доколку нема некои посериозни движења и системски решенија, проекциите за раст се околу 4 отсто, имајќи ја предвид споредбата со забележаниот стрмен пад и рецесијата во 2020 година.