На македонските мали и средни компании од денеска им е достапна поволна кредитна линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка (ЕИБ) што ќе се пласира преку Македонската банка за поддршка на развојот и 11 деловни банки.

Се очекува до крајот на месецот да бидат потпишани договорите со деловните банки, а од средината на следниот месец да почне и аплицирањето од компаниите за добивање кредити.

Кредитите ќе се доделуваат во транши од по пет милиони евра, а компаниите ќе можат да учествуваат со проекти во вредност од шест илјади евра до три милиони евра.

Кредитната линија ќе биде достапна во наредните две години, односно до повлекувањето на сите транши. Се очекува да биде понудена по пониски каматни стапки, односно со каматна стапка од околу 3,5 отсто и ќе има рок за враќање од 12 години со грејс-период од две до четири години во зависност од проектот.

Кредитната линија ќе може да се користи за инвестиции, набавка на опрема, градежни материјали, машини, транспортни средства, финансирање на обртни средства…

Како што истакна премиерот Зоран Заев по потпишувањето на договорот за користење на средствата, Европската инвестициска банка со доделувањето на поволниот кредит го препозна позитивниот сигнал што го има македонската економија особено во вториот квартал од годинава, кога е забележан раст на БДП од 3,1 отсто, раст на индустриското производство од 8,4 отсто и зголемување на вработеноста во јули од 7,2 отсто во однос на истиот период лани. Има, нагласи, рекордни странски инвестиции од 327 милиони евра вопрвитешест месеци од годинава и раст на извозот од 17 отсто.

– ЕИБ е најголемата финасиска институција која обезбедува финасиска поддршка за големи одржливи инвестициски проекти кои во суштина се придонес кон остварување на политиките и целите на Европската унија. Тоа значи дека ЕУ и нејзините финансиски институции за поддршка на развој на земјите кандидати за членство во Унијата ги препознаа позитивните сигнали од македонската економија и трендовите за одржлив развој. Најновото признание ни доаѓа како многу поволен кредит во висина од 100 милиони евра наменет за реализација на нови проекти, нови вработувања, зголемена ливидност и зголемен извоз за малите и средните претпријатија – рече Заев.

Нагласи дека посебна поволност е што по враќањето на заемите од оваа кредитна линија повторно ќе се пласираат како кредити во македонското стопанство.

Министерот за финансии Драган Тевдовски посочи дека ова не е единствената поддршка што Владата ја нуди за малите и за средните компании во земјава и додаде дека во буџетот се предвидени 1,1 милијарда денари за поддршка на ваквите компании и дополнителна една милијарда денари за активни мерки за вработување.

– Стоте милиони евра се само дел од поголемиот план за поддршка на малите и на средните претпријатија што ги преземаме. Секако овој свеж капитал ќе ја подобри ликвидноста на малите и средните претријатија, ќе ги стимулираат инвестициите и создавањето на нова вредност – рече Тевдовски.

Потенцира дека малите и средните компании се столб на македонската економија и претставуваат речиси 99 отсто од вкупниот број на претпријатија. Учествуваат со 55 проценти во создавањето на додадена вредност во БДП и креираат 73 проценти од бројот на работни места.

Заменик-директорот на ЕИБ, Ендрју МекДауел, истакна дека со оваа кредитна линија се поддржува приближувањето на земјава кон ЕУ и најави дека имаат намера во иднина да се фокусираат на поддршка на транспортот, енергијата и заштитата на животната средина.

– Како што се забрзува процесот на интеграција со ЕУ присутноста на ЕИБ ќе се зголемува… Нашата поддршка во изминатите години придонела да се создадат околу 6.000 нови работи места во вашата земја во речиси 2.000 мали и средни компании – рече Мекдауел.

Досега вкупната поддршка од ЕИБ за земјава изнесува 450 милиони евра.