Денска во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се одржа конференција по повод денешниот Меѓународен ден на земјоделски задруги. Оваа година мотото е „Задруги за достоинствена работа“, како форма којашто има важна улога во создавањето на пристојни работни места, како и за социјално и економско зајакнување на локалните заедници.

Воедно, по повод Меѓународениот ден на задруги, единаесет земјоделски задруги денеска добија договори за набавка на земјоделска механизација во вредност од над 9 милиони денари преку Програмата за рурален развој.

Шефот на кабинетот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Никица Бачовски, истака дека задругите се важни затоа што отвораат пристојни работни места во секторот земјоделството, а исто така земјоделците преку здружување стануваат поконкурентни на пазарот.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, истакна дека задругарството е клучен сегмент за модерно, конкурентно и извозно ориентирано земјоделство. Бабовски истакна дека со средства од Програмата за рурален развој задругите ќе се модернизираат со механизација.

Освен преку Програмата за рурален развој, паралелно преку проектот „Подршка за развој на земјоделските задруги во Република Македонија“, финансиран од Европската унија, а спроведуван од проектот ЦАРЕ и Македонската развојна фондација за претпријатија, во фаза на избор се 8 постоечки и 12 нови задруги кои ќе добијат по околу 50.000 евра. Овие пари ќе можат да ги искористат за набавка на механизација, за ладилници, отпочнување на нови агробизниси и друго. На денешниот настан беа презентирани придобивките од овој проект за задругите, а беше промовирана и избраната „чадор организација“ на задругите, која ќе биде вклучена во активностите на проектот, и ќе им помага на задругите во делот на поддршка, промоција и лобирање за нивните интереси.