Според бугарскиот економист Георги Вулџев, европските политичари треба да решат дали да продолжат со неразумно печатење и трошење пари или да го признаат колапсот на експериментот со еврото. Но какви се условите и размислувањата во Македонија во однос на еврото

За судбината и иднината на еврото како заедничка валута има мноштво различни, а понекогаш и спротивставени мислења и теории. Политичката диоптрија за еврото сѐ почесто и подлабоко е спротивставена на економско-финансиските анализи и предвидувања.
Уште пред неколку години, нобеловците Пол Кругман, Џозеф Стиглиц и Милтон Фридман порачаа дека „еврото како валута е катастрофа и дека треба да пропадне“. Своите видувања тие ги темелат на фактот дека монетарната унија без фискална е неодржлива форма, и токму поради ваквите ставови скептицизмот кон европска валута се зголемува. Дополнително нобеловците посочуваа дека е јасно прашањето дали еврото ќе ги преживее црните прогнози.
Деновиве и во уште една членка на ЕУ, соседна Бугарија, се актуализира прашањето за оправданоста од воведување на оваа платежна валута во земјата, како и за понатамошната иднина на еврото.

Според бугарскиот економист Георги Вулџев, европските политичари треба да решат дали да продолжат со неразумно печатење и трошење пари или да го признаат колапсот на експериментот со еврото.
Од друга страна, економските експерти појаснуваат дека воведувањето на еврото во земји што немаат развиена економија резултира со дополнителна криза, како што беше случајот со Грција. Според нив, иако еврото важи за стабилна валута и истата таа е широко прифатена, длабоки и основани сомнежи реално постојат.

Економиите растат и без прифаќање на еврото

Бугарските експерти истакнуваат дека веќе има држави што го отфрлаат прифаќањето на еврото како платежна валута во своите држави, иако се членки на Унијата.
– Земјите како Унгарија и Полска веќе бараат втора опција, а исто така и Чешка, бидејќи овие земји имаа силна причина поради која одбија да го прифатат еврото и воопшто немаат намера да го сторат тоа, односно да ја прифатат валутата – смета Вулџев.
Според него, токму овие земји се класичен пример дека може да се постигне високо ниво на економски раст дури и ако земјите се надвор од границите на еврозоната.
– Стандардот на живеење во земја како Полска е многу повисок отколку животниот стандард во Бугарија, дополнително растот на бруто-националниот приход во 2018 година им е над пет проценти. Додека ние едвај успеваме да достигнеме и до 3,5 проценти. Еврото нема да ја подобри оваа состојба, туку обратно. Еврозоната се претвора во црна дупка што ја голта секоја надеж за економски просперитет, а нашите политичари нестрпливо и неразумно нè водат таму – и покрај сомнежите на нашите гласачи – истакнал Вулџев.

Во јануари, по барање од порталот ЕКИП (Експертски клуб за економија и политика), чиј главен уредник е Вулџев, беше спроведена анкета од страна на социолошката агенција „Тренд“, според која само 19 проценти од населението во Бугарија го поддржува воведување на еврото. Притоа било утврдено дека дури педесет проценти од испитаниците се против негово етаблирање како платежно средство. Наедно, со анкетата било утврдено дека дури 60 проценти од Бугарите сметаат дека домашниот лев е стабилна валута. Педесет и четири проценти од анкетираните испитаници бараат референдум за влез во еврозоната.
Во изминативе денови, бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека со приклучувањето во еврозоната во Бугарија се зголемува опасноста дека тоа ќе предизвика пад на животниот стандард на граѓаните и како пример ги наведе Италија и Грција.
Од друга страна, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, сепак, верува дека не постои земја што ќе го воведе еврото и „живее полошо од другите членки на ЕУ“.
Но какви се условите и размислувањата во Македонија во однос на еврото.

Македонија како слеп за стап за еврото

Домашните економисти појаснуваат дека вообичаено на прифаќањето на еврото како платежно средство во една држава се гледа како на еден вид исчекор, знак дека и таа земја се приклучува кон развиените земји, кои се веќе дел од Европската Унија. Сепак, тие појаснуваат дека станува збор само за еден вид психолошки момент, а не дека навистина земјата станала силна економија.
– Воведувањето на еврото се смета како еден индикатор дека земјата станува дел од развиените земји. Но во реалноста, како случајот со Грција, економијата може и да се влоши, па дури и да прерасне во криза. Затоа, тоа психолошко чувство може скапо да ја чини земјата. Затоа сметам дека и не е добро за секоја земја да стане дел од еврозоната, особено во услови на криза. Не е иста економската моќ на Германија, Австрија и на другите развиени земји со слабо развиените членки, што може да биде дури и погубно за нив – истакнува економистот Здраво Савевски.
Тој посочува дека за Македонија сѐ уште е многу рано воопшто да се разговара за воведување на еврото како платежно средство, бидејќи не сме ниту членка на Унијата, ниту пак сме блиску до тоа. Истакнува дека е погубно за самата економија да се воведе еврото како платежно средство сега, кога не сме членка на Унијата, бидејќи ќе го девалвираме денарот, а може и да не станеме членка на ЕУ.
– Во суштина не е важно колку е силна економската валута туку колку е силна економијата – заклучува Савевски.

Скептицизмот кон европска валута се зголемува