Договорот за координација на продажбата на злато, кој е во сила од 1999 година, истекува на 24 септември оваа година, а според расположението и најавите на централните банки на 22-те европски земји што го потпишаа, тој нема да биде продолжен. Дали оваа измена упатува на подготовки од страна на европските земји за нова економска криза?

Со повлекувањето од Договорот за координирање на продажбата на злато, кој трае од 1999 година, 22 европски земји ќе имаат можност преку своите централни банки да спроведат политика за процена на ризиците. Особено во случајот со „надуените“ средства или таканаречениот меур, кој носи ризик од нова економска криза. Договорот што е во сила од 1999 година, истекува на 24 септември оваа година, а според расположението и најавите на централните банки, тој нема да биде продолжен. Договорот беше потпишан за да се ограничи продажбата на злато, бидејќи повремената продажба во 1990-тите обично се одвиваше зад затворените врати на европските централни банки, со што се влијаеше на вредноста на златото и се поткопуваше стабилноста на цената на пазарот. Работите се променија во меѓувреме, најмногу затоа што централните банки продадоа 500 тони злато во 1999 година, а минатата година беа купени рекордни количества, како што открива Наталија Демпстер од Светскиот совет за злато.

На што упатува овој потег на Европската централна банки за „Спутник” коментираше професорот по банкарство на Економскиот факултет во Белград, Ѓорѓе Ѓукиќ.
– Мислам дека клучно е што по светската економска криза, ситуацијата драматично се промени. Претходно, голем број централни банки беа на страната на продавачот. Целта на договорот од 1999 година беше златото да се пласира на пазарот на координиран начин,за да се избегнат големи флуктуации на неговата цена, особено кога го нудат централните банки – вели Ѓукиќ.

По светската финансиска криза, тие всушност во голема мера станаа купувачи на значителни количества на злато на пазарот, така што договорот веќе ја нема функцијата што ја имаше пред кризата.
– Според официјалното соопштение на Европската централна банка, кое се однесува на сите централни банки, клучни се три аргументи – дека во меѓувреме пазарот на злато стана позрел, во смисла дека рокот за достасување на трансакциите стана поголем, дека ликвидноста на тој пазар стана поголема, односно дека има почести трансакции со купување и продажба во светот и дека базата на инвестиции значително се проширила во однос на потенцијалните инвеститори што купуваат злато – додава професорот Ѓукиќ.

Тој го истакнува фактот дека златото и понатаму претставува дел од монтераните резерви, бидејќи цените од 1999 година се петкратно зголемени и моментално за квалитетна унца злато се потребни околу 1.400 долари. Тоа укажува дека настрана од оваа спогодба се остава маневарски простор земјите преку централите банки да водат политика за процена на ризици. Ѓукиќ објаснува и што подразбира под процена на ризикот.

– Во прилог на ова ќе истакнам и дека Федералните резерви на Соединетите Американски Држави со намалување на референтна каматна стапка ќе имаат многу екстремно изразена монетарна политика, преку познати квантитативни леснотии, така што постои ризик цените на средствата да се надуваат и повторно на сцената да се појави таканаречениот балон, кој носи ризик од ново избувнување на криза. И тогаш златото го презема она што е стандардно во сите непостојани времиња и геополитички тензии, вклучувајќи го и фактот дека брзото решавање на трговскиот конфликт меѓу Америка и Кина не е видливо. Златото потоа станува она што се нарекува безбедносно пристаниште или средство за акумулирање богатство – заклучи соговорникот на „Спутник“.

Ова не е првпат во светските медиуми да се појават написи и укажувања за нова светска економска криза. Неодамна и американскиот економист Нуриел Рубини, кој ја најави светската економска криза во 2008 година, најави нова рецесија. Тој посочил дека има 10 потенцијални ризици што ќе тргнат од Америка и ќе доведат до нова светска економска криза. Според Рубини, ризиците што ќе доведат до нова глобална рецесија се американската трговска војна со Кина, ограничувањето на миграцијата, странските директни вложувања, трансфер на технологија и слично.
Дури и претставниците на Меѓународниот монетарен фонд за светската економија предвидуваат „доаѓање на облаци од бура“. Шефицата на ММФ, Кристин Лагард, предупреди дека растечкото ниво на долговите и трговската војна меѓу двете најголеми светски економии, САД и Кина, претставуваат закана по глобалната економија, која со години не била во толку добра состојба.

– Трговската војна нема да биде нешто што ќе погоди само две држави, бидејќи целиот свет е поврзан. Таа ќе ја погоди глобалната економија – кажа Лагард.
Предупреди и дека долговите на владите во развиените светски економии се на највисоко ниво од Втората светска војна. Европејците, поради тоа, имаат најмногу причини за загриженост, со оглед на тоа дека сеопфатната трговска војна никогаш не била поизгледна по царините што американскиот претседател ги вовел на кинескиот челик. Во меѓувреме, Европа се соочува со излегување на Велика Британија од ЕУ, која станува сѐ покревка.


ФЕД ја намали основната каматна стапка

Федералните резерви на САД ја намалија основната каматна стапка за 0,25 отсто, првпат од 2008 година, или од почетокот на светската економска криза.
Одлуката беше донесена со 10 гласа „за“ и двајца „против“, на гласање на гувернери на главните банки. Таа беше очекувана поради најавениот економски пораст. Можно е до крајот на годината да има нова корекција, јавија американски медиуми. Американскиот претседател Доналд Трамп не беше согласен со одлуката на ФЕД.

[email protected]