Европската Унија има во план да ја заостри својата заштита од субвенционираните странски компании. Toa во превод би значело цврсто зголемување на напорите за изразување на својата „стратегиска автономија“ во однос на Кина и на САД, а во исто време и одбрана на сопствените економски интереси. Пандемијата направи карамбол и во европската економија и Европската комисија сега носи административни решенија да ја заштити економијата на Унијата

ЕУ ќе спречува купување европски фирми (што добиле државна помош) од страна на странски компании

Европската комисија, како административен извршен орган на Унијата, минатата недела ги опиша во кратки црти предлозите за, како што беше кажано, „поправка на штетите“ произлезени од дисторзија на пазарот, како директна последица од активностите на државно субвенционираните странски фирми. Предлозите имаат цел да го спречат преземањето европски фирми или учеството на тендерите за одредени европски проекти од страна на странски компании, кои добиле големи грантови, кредити, даночни олеснувања или каква било друга форма на државна помош.

Каква е оваа мерка на ЕК и кон кого е насочена

Многу аналитичари сметаат дека оваа акција е насочена главно кон кинеските компании во државна сопственост, но таа секако би можела да влијае и врз американските ривали на европските компании.
Предложените рестрикции беа јавно изнесени откако неколку европски држави, вклучувајќи ги и Франција, Германија и Италија, ја зајакнаа контролата врз странските инвестиции, обидувајќи се да ги заштитат фирмите, кои се тетерават поради економската криза предизвикана од ковид-19 и би можеле да бидат преземени од кинески или од американски инвеститори. Овие предлози се исто така во корелација со променетите европски ставови кон Кина во текот на изминатава година – членките на ЕУ ја етикетираа Кина како економски и политички соперник.
„Ни требаат вистинските алатки за да бидеме сигурни дека странските субвенционери нема да го нарушат нашиот пазар“ изјави потпретседателката на Европската комисија Маргарет Вестагер, задолжена за конкурентност и дигитална политика.
„Не се работи за тоа дека во Европа не постојат државни субвенции, туку дека имаме транспарентност и контрола врз субвенционерите. Кога станува збор за странските субвенционирани компании, ние немаме никаква контрола“ вели Вестагер.

Зависност на европскиот пазар за странски производи и преиспитување на
инвестициските политики

Пандемијата на коронавирусот ја изложи на виделина зависноста на Унијата од увозот на кинески медицински материјал, додека државите се грабаат за маски и медицинска опрема, па дури ставаат и привремени забрани за извоз на сопствените производи во други европски земји, за да ја одржуваат снабденоста на нивните болници. Ова предизвика сериозно преиспитување на инвестициските политики во Европа. „Во основата на оваа иницијатива лежи потребата за воедначеност на единствениот пазар. Таа ќе им помогне на нашите компании да работат и да конкурираат на глобално ниво, промовирајќи ја на тој начин отворената стратегиска економија на нашата унија“ објаснува Тиери Бретон, комесар за внатрешен пазар и економија на ЕУ.
Во понеделникот Комисијата презеде досега невиден чекор, воведувајќи казнени царински такси за кинеските извозници, чие седиште се наоѓа надвор од Кина, по сознанието дека две египетски подружници на кинески производители на фиберглас добиле државни субвенции за да ги победат европските конкуренти.
Официјалните претставници на ЕУ тврдат дека новите алатки не целат само една специфична држава или одреден странски субвенционер. Оттаму, кинеските субвенции за сопствените компании ќе бидат разгледувани и проценети на ист начин како и финансиската помош (како што се кредитните гаранции) од која имаат корист американските компании, се вели во официјалното соопштение.

Како реагираат кинеските и американските власти на новите мерки на ЕУ

„Кинеската влада изразува надеж дека новите мерки на ЕУ нема да создадат нови трговски бариери под изговор дека се бранат од странски субвенционери“, изјави портпаролот на кинеската мисија во ЕУ.
„Во овој специфичен момент, кога нациите ги здружуваат силите во борбата со ковид-19, ЕУ би требало да избегне испраќање негативни сигнали кон надворешниот свет“, додаде тој.
Од друга страна, портпаролот на американскиот Стејт департмент одби да го коментира најновиот економски чекор на ЕУ.
Сходно на предложените мерки, Европската комисија предвидува соработка со државните органи за конкурентност и соработка во рамките на ЕУ, за систематски да се преиспитува секоја странска компанија, која потенцијално се потпира на државна субвенција во намерата да исфрли од игра некој од своите европски економски конкуренти. Доколку се детектираат пазарни нарушувања, на компаниите може да им се наложи враќање на субвенциите, продажба на дел од имотот или отворање пристап до лиценцирана технологија за своите конкуренти од ЕУ. Комисијата и државните власти ќе имаат надлежност да бараат документација од компаниите, но и да ги казнуваат оние што не се во согласност со регулативата.
Дополнително ќе се зголеми надзорот врз улогата на субвенциите во преземањето европски компании, како и засилување на скринингот врз странските инвеститори. Ова потенцијално би можело да ги комплицира плановите на компаниите за купување имот во Европа, бидејќи ќе се усложнат барањата и условите за преземање на фирмите.

Кои специфики се наложуваат со новите прописи на ЕК

Новите предлози наложуваат дека сите компании, кои во текот на три години пред преземањето европска фирма добиле некаков вид државна помош надвор од ЕУ, треба за тоа да ја известат Европската комисија, која потоа би одлучила дали трансакцијата може да продолжи. Барањето за вакво известување ќе се применува за трансакции над 100 милиони евра.
„Ова е многу контроверзно и не знаеме како ќе функционира кај директните странски инвестиции“, вели Џеј Модрал, партнер во адвокатската фирма „Нортон Роуз Фулбрајт“, чија специјалност е економската конкурентност.
Третата област под надзор би се однесувала на јавните набавки, каде што Комисијата ќе се обиде да ја пополни „регулаторната дупка“, која во моментов им дозволува на странските државно субвенционирани компании да победуваат на јавни тендери со понуди што се пониски од оние на европските конкуренти. Надзорот би ги опфаќал како државните така и проектите финансирани од страна на ЕУ.

Алармот за тревога вклучен по тендерот за изградба на мостот „Пељешац“ во Хрватска

Официјален претставник на Унијата изјави дека „алармот за тревога“ се огласил во 2018 г., кога државната кинеска градежна компанија „Чајна роуд енд бриџ корпорејшн“ го доби тендерот (финансиран од ЕУ) за изградба на мостот „Пељешац“ во Хрватска, во вредност од 500 милиони американски долари. Европските наддавачи поднесоа судска жалба, но го изгубија процесот.
– Се обидуваме вакво нешто да не се случи повторно – рече официјалниот претставник на ЕУ.
Како што се опишува во предлогот, националните регулаторни тела ќе имаат моќ привремено да им забранат учество на тековни и идни тендери на странски субвенционираните компании, кои со ниски понуди ги „газат“ своите европски ривали.
Предлозите на Европската комисија сѐ уште се предмет на одобрување од страна на државните влади, но неколку престолнини, вклучувајќи ги Париз, Берлин, Варшава и Рим, во последниве неколку недели излегоа со слични идеи. Ова би можело да значи дека многу скоро може да се дојде до договор за новите правила, при што ЕК планира да го поднесе законското решение во текот на следната година.

Одредени држави ги поздравија предлозите, но побараа тие да бидат уште порестриктивни. Мона Кијцер, холандски државен секретар за економски прашања, изјави дека гледа простор за подобрување, „…на пример, преку посеопфатен и стриктен надзор врз компаниите, кои имаат недоволно проверена доминантна позиција на нивниот домашен пазар“.
Адвокатот Џеј Модрал излезе со тврдење дека во 2017 година, Европската комисија презела многу внимателен чекор, предлагајќи рамка за скрининг на директните странски инвестиции, каде што улогата на ЕК би била само од координативен карактер, додека ингеренцијата за контрола над преземање европски стратегиски имот од страна на Кинезите и другите странски субјекти би ја имале само државните власти. „Чинам дека ова е втората фаза во процесот на предлагање скрининг за странските инвеститори“, коментира Модрал. „Наедно, таа дава и јасна слика за тоа колку во последно време се има променето севкупната политичка клима“.