Фото: Игор Бансколиев

Договорот со Грција е исклучителен исчекор и одлична можност за насочување кон економските процеси и инвестициски можности важни за граѓаните на Северна Македонија и за регионот, рече претседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Сума Чакрабарти, на вчерашната средба со премиерот Зоран Заев и со министерот за финансии Драган Тевдовски. Чакрабарти на средбата високо ги оцени и досегашните реформски политики на Владата.

Неговиот тим ја изрази посветеноста на ЕБОР за продолжување и интензивирање на можностите за соработка со Владата во областа на енергетиката, производството на електрична енергија од обновливи извори и процесот на гасификацијата, развојот на патната и железничката инфраструктура, поддршката на приватниот сектор и во подобрувањето на услугите на локално ниво.

Премиерот Заев се заблагодари за континуираната поддршка на ЕБОР, нагласувајќи дека Владата останува посветена на политичкиот дијалог со опозицијата и одличната соработка со соседите, со единствена цел да ги оствари евроатлантските интеграции, што ќе доведе до стабилност, подобрување на условите за работа на домашните компании и привлекување странски инвестиции.

Во рамките на посетата на Владата, Чакрабарти оствари средба и со вицепремиерот Кочо Анѓушев, при што стана збор за динамиката на остварување на стратегиските капитални проекти во енергетиката, патната и железничката инфраструктура. Анѓушев истакна дека заедничката соработка во дел од клучните проекти значи дека ЕБОР е наш партнер и оти препознава дека во фокусот се потребите на нашите граѓани за подобри патишта, железници, гасовод, проекти значајни за развојот на економијата и за конкурентно стопанство.

Чакрабарти престојува во земјава во рамките на регионалната посета на Западен Балкан, пред годишното собрание на ЕБОР, кое ќе се одржи од 7 до 9 мај во Сараево. Е.Р.