Малите бизниси во Република Северна Македонија ќе бидат во можност да ја подобрат нивната конкурентност благодарение на пласирање на наменската програма на ЕБОР-ЕУ во земјата. Новата иницијатива комбинира кредитни линии, грантови за компаниите учесници и техничка помош. Промоцијата на програмата во Северна Македонија следи по претставувањето на истата во Косово, минатиот месец.

Во Република Северна Македонија, ЕБОР доделува 30 милиони евра на локалните банки кои понатаму ќе пласираат кредити на комерцијалните корисници. Досега во оваа програма се вклучени Шпаркасе Банка Македонија, Охридска банка СГ и Комерцијална банка. Средствата ќе бидат проследени со пакет на техничка помош и стимулативни грантови, во износ од €4.5 милиони, од ЕУ националниот Инструмент за пред-пристапна помош (Instrument for pre-Accession Assistance-IPA).

Шпаркасе Банка Македонија е една од комерцијалните банки преку која ќе се пласираат кредитите од Програмата за поддршка на конкурентност на МСП на ЕБОР.

-Ние како една од првите банки кои се вклучени во проектот „SME Competitiveness Support Programme“  со голема одговорност ја прифативме можноста да бидеме дел од овој значаен проект за финансирање на инвестициите на микро, малите и средни претпријатија во Р. Северна Македонија. Сметаме дека овој проект ќе има значаен придонес во унапредувањето на економскиот развој на државата, подобрување на конкурентноста на компаниите на пазарите како резултат на унапредување на производните технологии, зголемување на производните капацитети, како и унапредување на енергетската ефикасност преку инсталирање на технологии кои ќе придонесат за заштита и унапредување на животната средина- изјави Саша Боко, член на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија.

МСП ќе можат да ги користат фондовите за подобрување на нивните производни капацитети и да ги зајакнат процесите и квалитетот на производите преку воведување на ЕУ стандарди за заштита на човековата околина, безбедно производство, квалитет и слично.

Саша Боко, член на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Македонија

Малите бизниси се основа на националната економија и тие вработуваат 80 отсто од работо-способното население. И покрај нивното економско значење, малите бизниси продолжуваат да се соочуваат со пречките во нивниот развој, често пати со тешок пристап до финансирање и советодавни услуги.

-Ни претставува задоволство што Програмата за поддршка на конкурентност на МСП е достапна за МСП во Северна Македонија. Подобриот пристап до финансирање и советодавни услуги ќе им овозможи на бизнисите да го подобрат нивното работење и конкурентност- изјави Анка Јоана Јонеску, претставник на ЕБОР.

Јанмат Фрик, Раководител на проекти, ЕУ за Северна Македонија, вели дела крајниот резултат ќе донесе поконкурентни МСП со поголем број на вработувања и поголеми можности за раст на биснисите. 

– Потребно е да има диверзификација на пристапот до финансии преку комбинација на традиционално банкарско кредитирање, стимул и трансфер на советодавни услуги, за да се дојде до целосниот предприемачки потенцијал на земјата- вели Јанмат Фрик.

Кочо Анѓушев, Заменик Премиер на Република Северна Македонија задолжен за економски работи и координација на економските сектори, истакна дека ова е фактички директната помош и придобивка од интеграциите во ЕУ и НАТО.

-Преку овој проект значително се подобрува пристапот до финансиски средства за малите и средни претпријатија и се овозможуваат нови, свежи средства за развој и нови инвестиции на компаниите. На располагање се 30 милиони евра и 4.5 милиони евра грант, што претставува атрактивна финансиска инјекција, моделирана за потребите на МСП – приближно 15 % грант за секој кредит- рече Анѓушев.

До денес ЕБОР има инвестирано над 1.87 милијарди во 117 проекти во Република Северна Македонија, фокусирајќи се на поддршката на интеграцијата на земјата во регионалните и глобалните пазари, преку инвестиции и пропратните активности на Банката, особено интензивирајќи ја соработката со клучните партнери-Европската Унија и Европската Инвестициона Банка.