Фото: илустрација

Над 100 компании ќе добијат вкупна финансиска помош од 9,2 милиони евра согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите за остварените резултати во минатата 2017 година.

На компаниите кои аплицирале за добивање државна помош заклучно со 31 јули годинава по 60 дена откако ќе ги достават барањата и потребните документи во Агенцијата за странски инвестиции ќе им бидат исплатени средствата.

Во овие компании, како што кажа премиерот Зоран Заев, во минатата година работеле 14.000 вработени и отвориле нови илјада работни места.

– Првпат под исти услови домашните и странските компании ќе добиваат државна финансиска поддршка на транспарентен начин за остварените резултати. Сите компании кои аплицира и ги исполнија условите ќе мора да покажат документи и фактури за реализација на инвестицијата за да им биде доделена помошта, рече премиерот Заев на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека преку помошта што се нуди во трите столба директно во стопанството ќе бидат вратени 70 милиони евра.

– Македонската економија се движи во вистински правец и ваквите инвестици ќе значат нови работни места ии повисоки плати. Растот на економијата почнува да ги дава очекуваните резултати, рече Заев.

Потсети дека во минатиот месец има раст на индустриското производство од 12,1 отсто, во мај е забележан раст на просечната плата за 7,1 отсто или за 1.600 денари повеќе откоку што се исплаќале порано, а во првите шест месеци од годинава има и раст на извозот од 14,1 отсто.

Доказ дека економијата оди напред, како што кажа, е и зголемувањето на странските инвестиции.

– Поканата за членство во НАТО и отпочнувањето на процесот за членство во ЕУ е силен ветер во грб за развој на нашата економија, рече Заев.

Како што истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев од стотината компании за кои Владата на вчерашната седница донесе одлука да им се исплатат средства согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите, пет се микро, 49 се мали, 32 средни, а само 19 големи компании. Компаниите се дисперзирани низ цела Македонија и само 28 од нив се во Скопје, а четири доаѓаат од малата општина Боговиње.

– Денеска ги промовираме мерките кои даваат резултат. Конечно македонската економија се охрабри и на транспарентен начин се дели државна помош за компаниите од првиот и вториот столб на планот за економски раст. Помош добиваат над 190 компании по трите столаба на транспарентен начин, наспроти доделените на 23 компании во изминатиот период со договори во четири очи, рече Анѓушев.

На компаниите, како што кажа, им се дава помош во висина од десет отсто од инвестицијата што ја направиле во минатата година или вкупно 9,2 милиони евра за сите што покажува дека во претходната година се направени инвестиции во македонската економија од над 90 милиони евра.

– Инвестициите ќе ги направат компаниите конкурентни, а ние како Влада стоиме за да им помогнеме на транспарентен начин без разлика дали се домашни или странски, рече Анѓушев.

Критериумите за добивање државна помош согласно податоците на Централниот регистар ги исполниле 600 компании кои во изминатата година инвестирале и го задржале бројот на вработените. Од нив 182 аплицирале за добивање државна помош. Компаниите за можноста за добивање државна помош биле известени по меил на адреста што оставиле во податоците во Централниот регистар.