Рестораните за организирање свадби, игротеките, туристичките работници и угостителските објекти ќе добијат финансиска поддршка од државата во износ од 7,5 милиони евра, најави министерот за економија, Крешник Бектеши.

– Со четвртиот сет мерки најавивме уште поддршка за туристичко угостителскиот сектор. Почнуваме со реализација на 5 мерки кои се директна поддршка за угостителскиот сектор и туристичките работници. Ова ќе биде значајна поддршка за компаниите кои со пандемијата беа директно погодени – рече Бектеши.

Заинтересираните за мерките ќе може да аплицираат на платформата „Дома си е дома“ до 27 ноември, а помошта ќе биде исплатена до крајот на годината.

– Очекувам максимално искористување на мерките и постигнување на посакуваните ефекти, задржување на работните места. Ги повикувам сите туристички работници и угостители да аплицираат, а Министерството за економија веднаш ќе ги обработи апликациите со цел средствата да бидат исплатени – рече Бектеши.

Лиценцираните туристички водичи ќе добијат грантови во износ од три просечни плати, односно по 65 илјади денари за секој туристички водич кој поради пандемијата не можел да се бави со дејноста. Една од мерките е враќање на уплатената такса за привремен престој за 2019 година за сите угостителски објекти.

– Со цел поддршка на хотелиерството за време на кризата, предвидено е враќање на угостителската такса за 2019 година на сите објекти за гостување – рече Бектеши.

Министерството има обезбедено 460 милиони денари, 7,5 милиони евра за реализација на сите 5 мерки.