Фото: Игор Бансколиев

Причината за недостигот од работници не е иселувањето на младите, туку иселувањето е резултат на огромниот расчекор помеѓу потребните занимања и понудата на кадар на пазарот на трудот. Структурата на нашето стопанство е таква што најмногу се бараат мануелни работници и луѓе со средни стручни занимања, а најголемиот број млади завршуваат некакво високо образование и тоа од општествените науки и не сакаат да конкурираат за работни места за кои се бара средно образование

Недостигот од работна сила, како и квалификуван кадар кај компаниите е еден од главните проблеми на работодавците во Македонија. Постои голем процент на недостиг од знаење и вештини, кои се клучните проблеми со кои се соочуваат компаниите кога треба да ангажираат соодветни работници. Оттука и потребата за дополнително образование, оспособување, усовршување, доквалификација и преквалификација. Но и покрај тоа, поголем број од нив не инвестира во професионална обука за вработените.

Стопанствениците велат дека граѓаните разочарани од кризата во државава ја напуштаат земјава, особено младите, кои иднината ја гледаат во поперспективни земји. Според Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија, кај нас има недостиг од работна сила со потребните квалификации. Најголемиот недостиг имаат компаниите од преработувачката индустрија, кои имаат отворени огласи за вработување на кои не се јавуваат работници.

– Причината за недостигот од работници не е иселувањето на младите, туку иселувањето е резултат на огромниот расчекор на пазарот на трудот помеѓу потребните занимања и понудата на кадар. Имено, структурата на нашето стопанство е таква каде што најмногу се бараат едноставни мануелни работи и средни стручни занимања. Од друга страна, најголемиот број млади завршуваат некакво високо образование и тоа од општествените науки и не сакаат да конкурираат на работни места каде што се бара средно образование. Излезот, за жал, го гледаат во заминување од земјата – објаснува Димитров.

Тој додава дека на овој начин државата губи двапати: еднаш во трошоците за образование на тие млади луѓе што ќе придонесуваат за развој на друга држава, а вториот пат со пад на производството и на приходите поради неискористување на производните капацитети. – Не постои сектор односно гранка во преработувачката индустрија каде што нема недостиг од работници. Тоа се производство на прехранбени производи, текстил, облека, кожа и чевли, преработка на дрво, производство на мебел, но исто така и во земјоделството, градежништвото, трговијата на мало, угостителството и хотелиерството.

Секако дека недостигот од работници негативно влијае на економскиот раст и на состојбата на компаниите, па и на целокупниот развој и стандардот на граѓаните – истакна Димитров. Како што вели тој, во поразвиените држави, каде што овој недостиг исто така е присутен, секоја година се пресметуваат загубите во бруто-домашниот производ на земјата што се предизвикани од расчекорот на понудата и побарувачката на пазарот на трудот.

– И кај нас оваа загуба е огромна, иако никој не се обидел да ја пресмета. За да се спречат овие негативни тенденции мора системот на образование да се приспособи на потребите на стопанството. Ова значи дека е неопходно кариерно насочување уште во основно образование и оние ученици со добри оценки да се насочуваат кон гимназија и подоцна на факултет, а послабите ученици кон средните стручни училишта – смета Димитров. Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на работодавци, вели дека основната причина за оваа состојба е тоа што трошоците за обука, дообука и преквалификација не се признаени и со самото тоа нема даночно ослободување. – Во поголем број компаниите се свесни дека човечкиот капитал е најважниот во една фирма, претпријатие, затоа поголемиот број од вработените во приватниот сектор се социјално осигурени, безбедни на работното место, мотивирани за унапредување на нивното знаење, но трошокот за нивно усовршување треба да се поттикне или олесни со мерки од Владата во форма на даночно олеснување, субвенционирање или специфичен пристап за дофинансирање на овие практики – смета Бошков.

Како што неодамна истакна Антон Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија, многу тешко ќе биде да се оствари забележителен економски раст без реална понуда на работна сила на пазарот. – Тоа не може да го надокнадиме ниту економски. Политичката криза влијае на младите луѓе, кои заминуваат од државата и тоа ќе биде комплицирано да го решиме – изјави Пешев.