Државата планира на граѓаните да им овозможи ултра брз интернет по цена од 400 до 500 денари, што претставува една од националните бродбенд цели што беа презентирани на денешната презентација на работната верзија на Националниот оперативен бродбенд план (НОБП).

Дополнително, за поттикнување на користењето на ултра брзиот интернет се предвидува намалување на ДДВ од 18% на 5%. Оваа мерка е предвидена да се воведе во следните 10 години.

За домаќинствата во белите зони кои имаат вкупни примања пониски од месечната просечна плата, се предлага Владата да им обезбеди финансиска помош во вид на исплата на претплатата за првата година за пристап до ултра брз интернет.

– Постигнувањето на националните бродбенд цели ќе обезбедат можност за дигитална трансформација на општеството што треба да доведе до суштинска промена во начинот на нашето живеење, размислување, комуникација и водење бизнис – истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Според него, меѓу најголемите предизвици во реализацијата на Планот е цените за пристап до ултра брз интернет за домаќинствата во белите зони кои, рече, мора да бидат прифатливи за граѓаните, како и обезбедување на конкурентен и лојален пазар.

-Едно од најголемите предизвици секако ќе биде обезбедувањето на ултра брз пристап до интернет за крајните корисници во белите зони. Белите зони се показател на дигиталниот јаз во државата, а државата треба да обезбеди начин тој да се намали. Затоа, во НОБП предвидено е во белите зони ЈП МРД, по барање на крајните корисници да им обезбеди оптички поврзувања, но некаде и безжични, за потоа преку истиот оператор да им обезбедува пристап до ултра брз интернет. Есенцијално е изградбата, користењето на оваа пристапна оптичка инфраструктура да биде на транспарентен и недискриминациски начин, согласно препораките на ЕУ за државна помош. Ниеден оператор не треба да биде ставен во повластена позиција на пазарот. Ова мора да е гарантирано. За потврда на истото, текстот на НОБП ќе биде доставен на мислење и до ЕУ – рече министерот Манчевски.

Тој нагласи дека целта нема да се постигне доколку потрошиме сериозни јавни средства за изградба на мрежи во белите зони, а потоа тие да не се користат.

-Јавните средства кои државата ќе треба да ги обезбеди за изградба на мрежите во следните 10 години, а тоа се неколку десетици милиони евра, можеби на прв поглед изгледаат многу, но на ова треба да се гледа како предуслов за обезбедување на дигитална трансформација во државата. Тоа е единствениот начин институциите и услугите да ги приближиме до граѓаните. Граѓаните да имаат подеднаква шанса за пристап до квалитетно образование и информации. Ова е стратешки документ, кој треба да влијае и на намалувањето на иселувањето од државата, особено во руралните средини – подвлече Манчевски.

Укажа и дека неколкукратно се враќаат парите во буџетот од вложувањата во оваа мрежа. Проценките се дека ако за 10 проценти се зголемуваат вложувањата во оваа област БДП може да се зголеми од 0,9 на 1,5 проценти

На расправата за содржината на документот, усогласеноста со стандардите на европската легислатива, како и важноста на документот во процесот на пристапување кон ЕУ се осврнаа и се обратија и Димитар Буковалов од МИОА и Цветанка Кузмановска од СЕП.

-Рамката од 10 години на НОБП се совпаѓа со почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ – рече Кузмановска и додаде дека веќе во ноември ќе започнат преговорите во делот на бродбенд интернетот, а клучната улога ќе ја игра БЦО-(Broad bend competence office) кое ќе ја следи и координира имплементацијата на планот и мерките.

На дебатата беше поздравена инклузивноста на процесот на изработка на документот со вклучување на сите засегнати страни – бизнис секторот, универзитетите, операторите и НВО. Беше побарано во планот да се вклучи и можноста за дигитализација на радиото како и вклучување на операторите и јавноста при утврдувањето на еднократниот и годишниот надомест за фреквенциите.

Коментарите и забелешките од јавната расправа, како и тие што до крајот на јануари ќе пристигнат во МИОА, ќе бидат разгледани во рамки на работната група, по што ќе се финализира Националниот оперативен бродбенд план. Предвидено е во текот на февруари документот да биде усвоен на седница на Влада.