Министерот за економија Крешник Бектеши најави казни за компаниите што нема да ги почитуваат одлуките за заштита од коронавирусот и најави засилени контроли во супермаркетите.
– Свесни сме за паниката што се создава кај граѓаните, па тие купуваат масовно и нерационално. Наша цел е да им излеземе во пресрет на инспекторите и затоа ја отворивме бесплатната линија 191, на која ќе се пријавуваат сите оние што работат на диво или ако забележат дека се зголемени цените во маркетите – кажа Бектеши.
Исто така, министерот укажа дека сите угостители што нема да ги почитуваат препораките на Владата ќе бидат казнети со 5.000 евра или со една година затвор.
Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат, вели дека на бројот 191 ќе можат да се јават сите оние што ќе увидат неправилности во работата на инспекторите.

– Сите објекти што вршат трговија беа должни да истакнат број на Пазарниот инспекторат од градот каде што се наоѓаат, но се соочувавме со јавувања на кои не можевме да одговориме, бидејќи инспекторите се на терен и нема кој да одговори на повиците. Владата ни излезе во пресрет и од понеделник ќе може да се јават на 191 сите граѓани и да пријават констатирани неправилности. Налепниците се бесплатни, на товар на Државниот пазарен инспекторат. Вакви броеви ќе добијат и сите бензински станици и оние што вршат трговија – рече Пауновски.
Министерот Бектеши додаде дека се бара решение и за покачувањата на цените на одредени намирници.
– Ова е пазарна економија, ние најдовме решение во секторот за меѓународна трговија за да ги замрзнеме цените. Ги предупредувам малите и големите трговци дека ги контролираме цените на увоз, затоа таму каде што има најголеми поплаки, ќе се донесат одлуки да не растат одредени цени. На сите оние што манипулираат со цените, Државниот инспекторат ќе им наплатува казни до 5.000 евра – рече Бектеши.