Во завршна фаза се градежните работи за санирање на свлечиштата и големите оштетувања на коловозот на патниот правец Кочани – Делчево.

Санирани се критичните места на кои во изминатите години доаѓаше до одрони на огромни карпи што на подолг рок го блокираа сообраќајот на магистралата А3 и поврзувањето со соседна Бугарија.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, во придужба на градоначалниците на Кочани и Виница го посетија градилиштето, при што беше констатирано дека се работи според предвидената динамика.

– Овој патен правец не е реконструиран од 60-тите години, а е многу значаен за Коридорот 8 и за источниот регион. Очекуваме до крајот на јуни комплетно да биде завршен што ќе им овозможи на сите кои транзитираат по овој пат да почувствуваат бенефит. Дополнително, во сообраќајната инфраструктура за кочанскиот регион планирано е да се вложат иште 70 милиони евра со кои ќе се санира патот кон Пониква, обиколницата околу Кочани и секако експресниот пат Штип-Кочани, рече министерот Сугарески.

За да се комплетира реконструкцијата на целата делница преостанува да се завршат уште околу 2,5 километри во близина на браната Калиманци.

– Со оваа инвестиција обновени се 18 мостови и четири свлечишта, а поставен е комплетно нов асфалтен слој. Вкупната должина на која се изведуваше реконструкцијата е нешто повеќе од 30 километри, рече директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Финансирањето на целиот проект беше обезбедено преку Светска Банка за што државата доби кредит од шест милиони евра.