Нашиот потенцијал е сонцето. Вода и ветер немаме толку многу, но не се за потценување. Токму енергијата произведена од ваквите обновливи извори на енергија (ОИЕ) може да помогне во процесот на декарбонизација на нашето општество, порача Јасминка Димитрова-Капац од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ) на конференцијата за декарбонизација, за поттикнување политички дијалог за чиста, достапна и безбедна енергија во регионот на Западен Балкан, која се одржа во Скопје, во рамките на проектот „Дијалог за енергетска транзиција на Западен Балкан“.

Процесот на декарбонизација, истакна, претставува ослободување на општеството од употреба на фосилните горива преку примена на мерки за енергетска ефикасност и употреба на обновливи извори на енергија (ОИЕ). Визијата за декарбонизација предвидува до 2050 година 95 проценти од производството на електрична енергија во цела Европа да биде од ОИЕ.
– Западен Балкан го потпира електроенергетскиот систем на застарени термоцентрали на јаглен. Затоа владите на овие земји, вклучувајќи ја и нашата, треба да донесат големи одлуки во наредната декада за модернизација или замена на 50 отсто од термоцентралите – вели Димитрова-Капац.
Таа посочи дека Владата на Германија најавила дека до 2038 година ќе ги замени и исклучи сите термоцентрали, а веќе ги гасат нуклеарните реактори и се најнапред на тоа поле.

– Македонија не заостанува многу во користењето на ОИЕ за производство на електрична енергија. Не сме само ние проблематични туку сите во Европа, вклучувајќи ја и Германија, во која е најзастапен процентот на ОИЕ. Во моментов во земјава користиме 18 проценти електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија, а целта е до 2020 година да користиме 20 проценти. Има договори што ги зголемија процентите, но големите проценти за примена на ОИЕ не знам кога и како ќе ги достигнеме – изјави Димитрова-Капац.

Таа нагласи дека можеби на прв поглед изградбата на ОИЕ чини повеќе, но во подоцнежната експлоатација нема трошоци за гориво.
– Чини и термоцентралата, а јагленот постојано го купуваме, покрај тоа колатерална штета е загадувањето на животната средина. ОИЕ како инсталиран киловат-час можеби чинат повеќе од инсталиран киловат-час кај термоцентралите, но потоа нема никаков трошок за гориво и само се добива чиста и безбедна енергија – посочи Димитрова-Капац.