Фото: Игор Бансколиев

Во нашата држава е забрането производство, ставање во промет, увоз на храна и производи од храна што содржат ГМО или се составени од ГМО и тоа ќе се применува до нејзиното пристапување во Европската Унија

МАКЕДОНСКИТЕ РЕГУЛАТИВИ СЕ ЈАСНИ

Повеќето потрошувачи во Европа бараат детално да се декларира храната што содржи ГМО (генетски модифицирани организми). Иако индустријата тврди дека е невозможно тоа да се примени, илјадници потрошувачи, кои биле испитани во последното истражување на агенцијата „Ипсос“, изјавиле дека сакаат оваа состојба на пазарот да се промени и инсистираат на тоа. Среде пандемијата, темата за ГМО-храна е повторно актуелна, што може да значи дека потрошувачите се свртуваат уште повеќе кон поздрава храна и бараат потранспарентен пристап кон прехранбената индустрија. Европското законодавство предвидува дека ГМ-храната мора да биде јасно обележана, но тоа не се однесува на производи од животни што се хранат со ГМ-култури. Недостигот на такви етикети на производите, сметаат активистите, исто така би довел до помала доверба во органската храна, на која сме ѝ толку посветени.
Зголемената распространетост на генетски модифицираните организми, го зголемува интересот и во Македонија, предизвикувајќи кај потрошувачите огромна загриженост за последиците од нејзиното консумирање.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) велат дека во моментов, во согласност со Законот за безбедност на храната, се забранува производство, ставање во промет, увоз на храна и производи што содржат ГМО или се составени од ГМО и дека одредбите од овој член ќе се применуваат до пристапувањето на нашата држава во Европската Унија.

– На пазарот во нашата држава нема одобрени производи од категоријата генетски модифицирана храна, што значи дека истите тие не треба да ги има на пазарот. Во ЕУ има одобрени производи од категоријата генетски модифицирана храна и тие треба да се означени како такви, за потрошувачот да биде правилно информиран и да може тој самиот да си го направи изборот која храна ќе ја консумира – додаваат од АХВ.
Според претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар Велкова, во светот постојат разлики помеѓу земјите во врска со регулативата за ГМО, кои се резултат на различните социоекономски и политички фактори.
– Ограничувањата во поглед на регулативата за ГМО се оценуваат преку неколку индекси, и тоа: процес на одобрување, управување со ризик, означување, следење, коегзистенција и учество во меѓународни договори – вели Лончар Велкова.
Па, така, додава таа, Европската Унија и Јапонија се наклонети кон поригорозни мерки во однос на регулативата за ГМО, за разлика од Соединетите Американски Држави, каде што сѐ уште во некои од државите на САД не е задолжително обележувањето на присуството на ГМО во производите.
– Во Македонија засега постои 0 отсто толеранција за присуство на ГМО во храната. И токму затоа, на Факултетот за ветеринарна медицина е акредитиран метод за скрининг-детекција на ГМО, со лимит на детекција од 0,01 отсто. Тоа значи дека и многу мало количество на ДНК што во себе ја содржи генетската модификација може да биде детектирано – објаснува Лончар Велкова.
Како што спомнува таа, во поголемиот дел од државите во САД задолжително е обележување на присуството на ГМО на амбалажата, само доколку се присутни во количество над 5 отсто.

– Во ЕУ, Јапонија и Нов Зеланд задолжително е обележување на присуството на ГМО во храната, доколку тие се присутни над 0,9 отсто, и тоа за авторизирани ГМО, т.е. одобрени за употреба. Во ЕУ досега се одобрени за употреба 107 ГМО во храна – истакнува Лончар Велкова.
Во ЕУ, неочекуваното и технички неизбежно загадување со одобрени ГМО до 0,9 отсто, според претседателката, е изземено од етикетирање.
– Полемиките и грижата на јавноста во врска со ГМ-храни и култури претежно се фокусирани на безбедноста на луѓето и животната средина, означувањето на амбалажата и изборот на купувачот, правата на интелектуална сопственост, етиката, безбедноста на храната, на намалена сиромаштија и на конзервација на животната средина. Кои се ефектите по животната средина? Кои се опасностите по здравјето на луѓето? Дали со овие нови технологии ја предизвикуваме мајката природа? Сето тоа се прашања на кои ќе оставиме еволуцијата сама да даде одговор – нагласува Лончар Велкова.