Со новата фискална стратегија, Владата, во согласност со основното среднорочно сценарио, прогнозира дека економскиот раст во 2021 година ќе биде 4,1 отсто, а во периодот 2022-2026 година се предвидува просечен годишен раст од 5,4 отсто. Експертите се поделени во однос на овие очекувања, а сугерираат и различни пристапи за нивно остварување

ПО ТРИДЕЦЕНИСКАТА ПОТРАГА ПО ФОРМУЛАТА ЗА УСПЕХ

Од независноста до денес, нашата држава не остварува сериозни стапки на раст. За да ја оствари Македонија својата цел, приближување до нивото на Европската Унија, потребни се јака економија и висок раст на БДП. Една од клучните причини за нискиот раст на економијата се практикувањата на неадекватни фискални и монетарни политики. Тоа, пак, агрегатно негативно се одразува врз стопанството и врз економијата, и директно влијае врз нискиот животен стандард, вработувањата, но и врз одливот на стручни кадри. Потребни ни се радикални промени на полето на економијата, реструктурирањето и модернизацијата на македонската економија, олеснување на финансирањето… Но како да се постигне сето тоа за да се достигне европскиот просек?
Според новата фискална стратегија, Владата, во согласност со основното среднорочно сценарио, прогнозира дека економскиот раст во 2021 година ќе биде 4,1 отсто, а во периодот 2022-2026 година се предвидува просечен годишен раст од 5,4 отсто.

Само еднаш во изминативе три децении достигнат раст од шест отсто

Експертите се поделени во однос на овие очекувања, а сугерираат и различни пристапи за нивно остварување.
– Кај нас со години и децении се зборува за економски раст од 6 отсто, но тоа за 30 години се постигна само еднаш, во 2007 година. Сметам дека ниту овој факт, ниту состојбата на глобалната економија, ниту економските индикатори за Македонија не посочуваат дека прогнозите на Владата може да се остварат – вели економскиот аналитичар Здравко Савески.
Според него, дополнително, врз нашата економија во следните години ќе натежне товарот на долгот, кој ќе биде значителен, сега кога станавме високозадолжена земја.
– Сервисирањето на долгот ќе биде сѐ поголемо ограничување за развојот на земјата. Нивото на ЕУ нам ни се оддалечи за овие 30 години, а не ни се приближи. Потребно е да се промени економската политика што не дава досега резултати, да има реална дебата за ефектите од економската политика и за алтернативите што треба да се применат за да имаме раст на БДП – истакнува Савески.
Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, пак, вели дека ако Владата навистина ги реализира планираните инвестиции во инфраструктурата, тогаш не е никаков проблем да се достигнат стапки на раст од 6 отсто годишно.
– Македонија се наоѓа на многу ниско ниво на раст и ваквите големи инвестиции барем во периодот на изградба ќе му дадат силен импулс на економскиот раст – објаснува Димитров.
Како што додава тој, моделот е едноставен, треба да растеме побргу од растот на земјите во Европската Унија т.е. од просекот на Европа.

Да не се плашиме од одредено зголемување на буџетскиот дефицит и
растот на задолженоста

Растот, според Димитров, пред сѐ, треба да се темели на зголемување на продуктивноста и конкурентноста на индустријата и на зголемување на извозот.
– Препораките на Светска банка за земјите што имаат БДП од 4 до 9.000 американски долари по жител е дека растот треба да го темелат на зголемување на продуктивноста и конкурентноста на индустријата и зголемување на извозот. Затоа ќе биде потребно да се стимулираат инвестициите во нова посовремена технологија, која ќе треба да ја увеземе од странство, затоа што во земјата не располагаме со истата таа. На долг рок, преку инвестиции во образованието, треба да ги поттикнеме иновациите и извозот на знаење и полека да се зголемува учеството на услугите во БДП, за сметка на земјоделството и индустријата. Но во секој случај треба да ни биде јасно дека без државна поддршка, во никој случај не можеме да постигнеме стапки на раст поголеми од 4 отсто – потенцира Димитров.
Што се однесува на фискалната стратегија, споменува Димитров, треба да бидеме похрабри и да не се плашиме од одредено зголемување на буџетскиот дефицит и растот на задолженоста, но само ако тоа се прави за инвестиции што во иднина ќе донесат економски раст и зголемување на БДП, па така долгот во однос на БДП би се одржувал на разумно ниво.
– Најважно е да се инвестира во проекти што ќе обезбедат економски раст и побрз поврат на инвестициите. Во однос на даноците не треба да правиме радикални промени, освен да ги зголемиме даноците за најбогатите преку даноците на имот – смета Димитров.

Иницирање на процесите на модерна реиндустријализација и извозна
диверзификација

Дарко Лазаров, универзитетски професор, вели дека развојната теорија и резултатите од емпириските истражувања за брзорастечките земји укажуваат дека висок раст е можен единствено преку иницирање на процесите на модерна реиндустријализација (зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП преку пренасочување на ресурсите кон индустриски гранки и производи што имаат поголема додадена вредност и повисоко ниво на продуктивност) и извозна диверзификација (зголемување на бројот на извозни производи и услуги, бројот на извозни компании и земји каде што се извезува).
– Фундаменталните развојни процеси воопшто не се едноставни ниту, пак, се случуваат ад хок, затоа е потребна долгорочна развојна стратегија базирана на модерни и добро координирани економски, индустриски, образовни, инфраструктурни, иновациски политики, проследени со силна посветеност на креаторите на политики во градење стабилни и силни институции – смета Лазаров.

Мапирање на стратегиските сектори

Како што спомнува тој, потребно е мапирање на стратегиските сектори, за кои македонската економија има потенцијални компаративни предности и реални економски претпоставки да ги развива и да ги гради во иднина.
– Нашата економија треба да се специјализира во оние индустриски гранки за кои поседуваме реални економски претпоставки да ги развиваме во иднина и сите напори во градењето квалификувани кадри, иновациски потенцијали, техничко-технолошки претпоставки да бидат насочени во таа насока. Наедно, потребно е редефинирање на политиката за привлекување на странските директни инвестиции во насока на селектирање на оние странски компании што ќе генерираат најголеми директни и мултипликативни ефекти за домашната економија, како и јакнење на институционалните капацитети како главен предуслов за водење бизнис – истакнува Лазаров.