Нова надеж за лицата со мултипла склероза во Р. Македонија е пристапот до новиот иновативен, биолошки лек, Окревус (ocrelizumab) за лекување на активни форми на релапсна мултипла склероза и прв и единствен лек одобрен во светот за третман на лица во рана фаза на примарно прогресивна мултипла склероза.

Окревус e лек на фармацетската компанија „Рош“, кој овозможува значителна супресија на сите маркери за активност на болеста и прогресија на инвалидноста, а воедно има поволен профил на односот помеѓу користа и ризикот за пациентите. Окревус е ефикасна и комфорна терапија со која, за првпат, пациентите со МС не мораат да мислат секојдневно или секоја недела на својата терапија, бидејќи лекот се администрира на шест месеци по пат на интравенска инфузија, без потреба од рутински тестови.

Деновиве фармацетската компанија „Рош“ го промовираше пред стручната јавност новиот лек Окревус (ocrelizumab), наменет за лекување на лицата со активни форми на релапсна мултипла склероза и рана фаза на примарно прогресивна мултипла склероза. На овој настан, стручни предавања одржаа: проф. д-р Томас Бергер, директор на Клиниката за невроимунологија и МС и заменик-претседавач на клиничкиот оддел за неврологија при Медицинскиот Факултет во Инсбрук, Австрија; науч. сор. д-р Иван Барбов, специјалист по неврологија и директор на ЈЗУ Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, како и прим. д-р Татјана Бошкова Петковска и д-р Игор Кузмановски, специјалисти по неврологија при Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. Настанот го отвори д-р Александра Ивановска, директор на Рош Македонија.

-Претставувањето на лекот Окревус пред стручната јавност во Македонија претставува значаен напредок во лекувањето и почеток на нова ера за пациентите со мултипла склероза во Република Македонија. Окревус е веќе одобрен во повеќе од 60 земји во светот, како на пр. Северна Америка, Јужна Америка, Блиски Исток, Европа, Австралија, Швајцарија и други. До денес, со Окревус се лекувани повеќе од 40.000 пациенти- изјави д-р Александра Ивановска, директор на Рош Македонија.

Окревус е прв и единствен лек одобрен за третман на лицата со релапсни форми на мултипла склероза и примарно прогресивна мултипла склероза. Лекот е одобрен во Република Македонија во април оваа година од страна на Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД, а благодарение на менаџментот и стручниот тим на Клиниката за неврологија во Скопје и здравствените власти, веќе е отпочната постапката за набавка на лекот за тринаесет пациенти со МС.

-Ние сме силно посветени, партнерски да соработуваме со Клиниката за неврологија, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, како и сите други релевантни институции, во обезбедување на фармакоекономски модел и ценовна флексибилност како би овозможиле достапност на лекот за сите лица со МС, кои ќе имаат корист од Окревус. Како општествено одговорна компанија, посветени сме да ги подобриме условите и третманското искуство на лицата со МС. Реализирана е и донација за уредување и опремување на соба за интравенска администрација на терапија, по највисоки стандарди, со што, пациентите наскоро ќе добијат соодветни и квалитетни услови за примање на терапијата-изјави Ивановска.

-Од мултипла склероза (МС) боледуваат повеќе од 2,5 милиони лица во светот, додека во Македонија бројот на лицата со МС е поголем од 1.200. Повеќето лица со МС имаат релапсна форма (РМС) додека помал број имаат примарно прогресивна МС (ППМС) при дијагностицирањето. За жал, од оваа болест најчесто заболува младата популација, на возраст од 20-40 годишна возраст. Mултиплата склероза е хронична и инвалидизирачка болест, со трајни последици по здравјето, мобилноста и инклузијата на пациентите во секојдневните активности и работоспособноста, но и голем товар за нивните семејства и општеството во целина. Со помош на иновативните лекови, денес можеме да ја контролираме прогресијата на болеста. На Клиниката за неврологија, во моментот се лекуваат 409 пациенти со МС, од кои најголемиот дел, 372 се на третман со терапија од прва линија (интерферони), a 37 на терапија од втора линија. Веќе е отпочната постапката за набавка на лекот Окревус (ocrelizumab), кој претставува анти-CD20 моноклонално антитело. Врз основа на податоците од робусните клинички истражувања, лекот Окревус ветува дека ќе биде значајна третманска опција за нашите пациенти со активна релапсна форма на мултипла склероза и рана фаза на примарно прогресивна МС. Окревус се администрира на секои шест месеци без потреба од посебен мониторинг, што ни дава надеж дека ќе овозможи овие лица да живеат без да мислат на нивниот третман секој ден или секоја недела. Заложбата овој лек да биде достапен за сите лица со МС на кој им е потребен, е и наша заложба- изјави науч. сор. д-р Иван Барбов, специјалист по неврологија и директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, Скопје.

-На нашата клиника брзо ќе почнеме со примена на овој лек кај пациентите со релапсна мултипла склероза со било кој знак на активна болест, пациенти за кои сметам дека ќе имаат најголем бенефит од лекот, врз основа на податоците од двете идентични фаза III клинички студии за релапсни форми на МС (OPERA I и OPERA II) кои покажаа дека Окревус има супериорна ефикасност во намалување на бројот на релапси кај околу 80% од пациентите и значително успорување на прогресијата на болеста во споредба со активен компаративен лек, односно високи дози на interferon beta-1a. Истотака, Окревус значително ја зголемил шансата пациентите да немаат докази за активност на болеста за 64% во OPERA I и 89% во OPERA II во споредба со високи дози на interferon beta-1a. Воедно, Окревус е прв и единствен лек одобрен за третман на лицата со примарно прогресивна мултипла склероза, кој значително ја успорува прогресијата на инвалидноста и ги намалува знаците за активност на болеста во мозокот (MRI лезии) во споредба со плацебо во период на следење од 3 години- изјави д-р Игор Кузмановски, специјалист по неврологија на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија Скопје.

Проф. д-р Томас Бергер, директор на Клиниката за невроимунологија и МС и заменик-претседавач на клиничкиот оддел за неврологија при Медицинскиот Факултет во Инсбрук, Австрија изјави: „Окревус претставува нов и иновативен третман за мултипла склероза. Овој лек е моноклонално антитело кое специфично ги таргетира Б клетките, кои играат клучна улога во патофизиологијата на МС. Иако, клиничките студии покажаа дека Окревус значително ги намалува идните релапси, што е уште поважно, ја стопира прогресијата на болеста. Поради тоа Европската Агенција за лекови го одобри лекот Окревус во јануари 2018 година за третман на возрасни МС пациенти со активни релапсни форми на МС, или за прв пат до сега, третман на пациенти со рана примарна прогресивна МС. Односот бенефит-ризик, односно безбедносниот профил на лекот дозволуваат да се претпостави дека Окревус ќе биде одлична терапевтска опција за голем број на МС пациенти во Европа“.

Мултипла склероза (МС) е хронична болест која засега околу 2,5 милиони луѓе во светот за која во моментот нема лек. МС настанува кога имуниот систем абнормално ја напаѓа обвивката и поддршката околу нервните клетки (миелинска обвивка) во мозокот, рбетниот мозок и оптичките нерви, предивикувајќи воспаление и последователно оштетување. Ова оштетување може да предизвика низа симптоми, вклучувајќи мускулна слабост, замор и потешкотии во видот, и може со тек на време да води до инвалидитет. Кај повеќето лица со МС првите симптоми се јавуваат помеѓу 20 и 40 годишна возраст, правејќи ја болеста водечка причина за нетрауматски инвалидитет кај млади возрасни лица.