Со препораките на надлежните институции да се остане дома и да се извршуваат сите неопходни нарачки или плаќања по електронски пат, се зголеми обемот на работа на компаниите што вршат достава до граѓаните, особено на компаниите чија главна дејност е дистрибуција на храна и на прехранбени продукти

Пандемијата на коронавирусот драстично ги намали, а сега веќе и целосно ги блокира нарачките што граѓаните ги прават преку интернет, особено нарачките што ги прават на интернационалните веб-страници. Уште од појавата на вирусот во Кина беа прекинати испораките кон земјава, но и граѓаните почитувајќи ги препораките, ги намалија нарачките, објаснуваат претставниците на „Македонска пошта“. Во последниве денови нивниот обем уште повеќе се намалил, иако од оваа институција информираат дека продолжуваат да ги спроведуваат своите дејности, притоа почитувајќи ги мерките за претпазливост.

– За вработените што се во директен контакт со корисниците на услуги се обезбедени заштитни ракавици и средства за дезинфекција. Наедно се донесени мерките за заштита на здравјето и безбедноста на поштенските работници, особено оние што се во директен контакт со корисниците на поштенски услуги, пошторазнесувачи и шалтерски работници, како и на корисниците, кои во интерес на здравјето треба строго да се придржуваат на пропишаниот режим за влез. Во поштите може да се наоѓаат онолку корисници колку што има оперативни шалтери. Ако сите шалтери се полни, корисниците на поштенски услуги треба да чекаат пред влезната врата и да ја почитуваат препорачаната оддалеченост помеѓу себе – е наведено во соопштението на АД „Пошта на Северна Македонија“.
Сепак, по препораките на надлежните институции да се остане дома и да се извршуваат сите неопходни нарачки и плаќања по електронски пат, зголемен е обемот на работа на компаниите што вршат достава до граѓаните, особено на компаниите чија главна дејност е дистрибуција на храна и на прехранбени продукти.

Од еден од трговските синџири што вршат достава по онлајн-порачки посочуваат дека поради новонастанатата состојба во земјава и препораките за намалено движење на граѓаните, порачките им се значително зголемени и поради тоа ги замолуваат корисниците за трпение и за разбирање.
– Поради настанатата ситуација, зголемен е обемот на онлајн-нарачки. Се трудиме нарачаните продукти да стигнат до корисниците најбрзо што е можно, но замолуваме за трпение доколку се случи отстапување од вообичаениот рок на испорака. Исто така, замолуваме за разбирање доколку наместо некој од нарачаните продукти испратиме сличен заменски производ – наведуваат оттаму.
Друга домашна компанија, која исто така прима онлајн-нарачки, најави дека за лицата над 60 години во овој период додека трае епидемијата ќе ги вршат бесплатно.

– Актуелната пандемија на коронавирусот направи сериозни нарушувања во секојдневието, а со цел да се спречи ширењето, потребна е сериозна посветеност од сите чинители во општеството, вклучувајќи и од компаниите. Ние како бренд што се грижи за своите потрошувачи и околината, во следниот период бесплатно ќе доставуваме здрава храна за лицата над 60 години. Критичните периоди во општеството бараат од секого од нас да вложи дополнителен напор и енергија за да им помогне на тие што најмногу им е потребно, односно на најранливите категории. Во случајот со коронавирусот, постарите лица, особено тие над 60 години, треба да внимаваат на своето здравје и да направат сѐ што е во нивна моќ за да го зајакнат имунитетот. Несомнено, и целата заедница, вклучувајќи ги и помладите генерации, треба да покажат повеќе грижа за своите повозрасни сограѓани, без разлика дали се во прашање најблиските од семејството или соседите – истакнуваат од компанијата и додаваат дека нарачките може да се прават онлајн или телефонски и дека целата територија на земјата е опфатена со бесплатната достава за повозрасните граѓани.
Оттаму наедно истакнуваат оти се надеваат дека нивниот пример ќе ги поттикне и другите компании да преземат мерки за поддршка кон граѓаните.
Во насока на намалување на ширењето на вирусот се и препораките граѓаните да не шетаат по шалтерите меѓу институциите за вадење документи, поради што министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, укажа дека најнеопходните документи, вклучувајќи изводи од матична книга на родени, венчани и умрени, голем број потврди и други документи од институциите, ќе се добиваат електронски. На порталот uslugi.gov.mk се достапни 128 услуги, а дополнително за 744 други услуги може да се прочитаат сите потребни информации за целата процедура.

– Нема потреба да се посетуваат физички институциите и да се прашува за одредена информација. Апелираме сите граѓани да ги користат овие можности што се на располагање за да се намали непотребното одење по институции и изложување на ризик. Само со целосен наш индивидуален придонес ќе ја намалиме можноста за ширење на вирусот – истакна Манчевски.