Народна банка укажува дека некои од граѓаните што ги одложија плаќањата на ратите за шест месеци имаат проблем да продолжат со нормалната отплата. Проблеми се очекуваат и за втората поосетлива група на граѓани, која има замрзнати рати до крајот на март

Кредитирањето на домаќинствата секоја година бележи сѐ поголем раст, особено изминатата година, за време на ковид-кризата, меѓутоа тоа засега не предизвикува загриженост кај институциите. Поголемата склоност на банките за кредитирање на домаќинствата се темели врз понискиот ризик што произлегува од овие кредити.
Според податоците на Народната банка, кредитите на граѓаните само изминатата година се зголемиле за 224 милиони евра, а на фирмите за 30 милиони евра. Вкупните кредити на домаќинствата во 2020-та бележат пораст од 8,3 отсто во однос на претходната година. Кај најзастапените категории – потрошувачките и станбените кредити, забележан е месечен пораст од 0,5 отсто и 1,9 отсто, соодветно, како и годишен пораст од 6,9 отсто и 13,6 отсто.
– Растот на вкупните кредити и понатаму во поголем дел е резултат на позитивниот придонес на кредитите на домаќинствата. Учеството на сомнителните и на спорните побарувања во вкупните кредити во ноември изнесуваше 3,4 отсто и е непроменето во однос на претходниот месец. Гледано од аспект на секторската структура, и натаму најголем дел од вкупниот износ на нефункционални кредити произлегува од секторот претпријатија, додека учеството на нефункционалните кредити на домаќинствата е значително помало – посочуваат од Народната банка.

Според Томе Неновски, професор на „Американ колеџ“, бројките за големината и стапката на растежот на кредитите за граѓаните не се изненадувачки.
– Тие кредити и во претходните години бележеа сличен пораст, кој, овој пат, поради вкупно нарушената економско-здравствена состојба во земјата, добива нешто позасилен интензитет – истакна Неновски.
Тој додава дека станбените кредити на населението се многу помалку ризични отколку кредитите на претпријатијата, со оглед на тоа што нивното обезбедување е доста сигурно и квалитетно, хипотеки на недвижен имот со најмалку двапати повисока вредност од износот на кредитот.
– Потрошувачките кредити се поризични затоа што кај нив има послабо обезбедување, но за нив банките имаат пресметан ризик, кој, во целина, не ја нарушува многу финансиската состојба на банките. Поради тоа, учеството на кредитите на домаќинствата во т.н. нефункционални кредити е значително помало отколку износот на нефункционалните кредити на правните лица, кои во овој период се соочуваат со голем број проблеми во нивното секојдневно работење и во нивната ликвидност и солвентност – вели Неновски.

Поранешниот гувернер Љубе Трпески посочува дека граѓаните во Македонија како корисници на кредит во споредба со земјите во регионот се на дното по задолженоста, поради што има простор и понатаму да позајмуваат.
– Стабилноста на банкарскиот систем овозможува да продолжи кредитирањето на населението. Банките внимаваат при давањето кредити, тие им даваат кредити само на сигурни клиенти, се држат до конзервативната политика и имаат најмалку ризични кредити, што ги прави најдобри во регионот – истакнува Трпески.
За надминување на последиците од пандемијата врз економијата банките им понудија на граѓаните можност за одложување на кредитните рати. Народната банка укажува дека некои од граѓаните кои го одложија плаќањата на ратите за шест месеци имаат проблем да продолжат со нормалната отплата. Проблеми се очекуваат и за втората поосетлива група на граѓани, која има замрзнати рати до крајот на март.