Фото: Маја Јаневска-Илиева

Туристичките работници во земјава немаат илузии дека оваа туристичка сезона може да сметаат на позитивен биланс, но се надеваат дека барем ќе успеат да ги сведат загубите на што помали бројки

Хотелите од следната недела ги отвораат вратите за гостите

Македонските хотели од понеделник ги отвораат вратите за гостите, но она на што сега се фокусирани е како да се намали загубата што ќе ја забележат до крајот на годината и да успеат да преживеат. Владата веќе го донесе Протоколот за хотелите и ги отвори границите, така што во земјава сега може да влезе секој што има негативен тест на ковид-19 не постар од 72 часа.
Дезинфекциска бариера за обувки пред влезна врата, како и пулт за дезинфекција на раце во холот, задолжително носење заштитна маска за гостите и за вработените, обезбедување на потребното растојание на рецепцијата и заштитен пулт, како и секојдневна хигиена на собите се само мал дел од мерките во протоколот, со кој се очекува хотелите да работат безбедно.

Туристичките работници во земјава немаат илузии дека оваа туристичка сезона може да сметаат на позитивен биланс, но се надеваат дека со посетите на домашните гости барем ќе успеат да ги сведат загубите на што помали бројки.
– Многу е тешко да се предвидат некои работи во моментот, така што тешко е да се каже каква ќе биде оваа туристичка сезона. Ние како хотелиери ќе работиме според протоколите за безбедност на гостите доставени од Владата, но извесно е дека секој хотел што ќе увиди дека нема услови за работа, може да остане затворен. Такво нешто се случи во соседна Грција, каде што многу хотели што не можеа да ги исполнат барањата за безбедност останаа затворени – вели Крсте Блажевски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ).
Според него, со оглед дека државата додели ваучери за ноќевања во хотели со три ѕвезди, како и кампањата „Дома си е дома“, дел од некои хотели ќе работат со домашни гости.

– Ние веќе половина сезона ја имаме промашено, ако се има предвид дека во охридско-струшкиот туристички регион официјалниот почеток на сезоната е некаде од средината на април. Ни остануваат уште јули и август, септември го сметаме за средна туристичка сезона, додека веќе од октомври натаму станува збор за ниска туристичка сезона – појаснува Крстевски.
Тој додава дека хотелите во земјава се подготвени да ги пречекаат гостите и ги применуваат сите мерки наложени од надлежните за да се заштити здравјето на луѓето.
– Хотелите се подготвени да отворат, не заради некој голем профит, туку само да се намали загубата до крајот на годината, едноставно за да можат да преживеат – нагласува Крстевски.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот велат дека секој минус под 30 отсто за оваа година во туристичкиот сектор би бил голем успех.
– Очекуваме до крајот на оваа година во туризмот да забележиме минус 30 до 40 отсто со оглед на состојбите предизвикани од корона-кризата. Секој минус под 30 отсто би бил голем успех – вели Љупчо Јаневски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Тој додава дека оваа сезона фокусот е ставен на домашните туристи, појаснувајќи дека во тек е промотивна кампања во чии рамки во следниот период ќе бидат промовирани 10 видеоспота, а од септември ваква кампања ќе се случува и за регионалните туристи.

– Се надеваме дека во следниот период ќе почне и бројот на новозаразени со ковид-19 да се намалува и со тоа и состојбите во туристичкиот сектор во земјава да се нормализираат. Од септември, ако ситуацијата остане под контрола, очекуваме гости од странство, кои не ги откажале ноќевањата во земјава, туку само ги одложиле – појаснува Јаневски.
Од туристичките агенции, пак, порачуваат дека државата треба во најскоро време да ги донесе се протоколите за свадби, за аквапарковите, за спа-центрите и за плажите.
– Овие протоколи се особено важни, бидејќи хотелите голем дел од заработките ги имаат токму од свадбите. Покрај тоа, треба да се донесат и протоколи за спа-центрите, за базените и плажите – велат оттаму додавајќи дека тоа е важно за да можат хотелите колку-толку да ја спасат сезоната.