Фото: Маја Јаневска-Илиева

На малите и на средните компании им недостигаат соодветни сертификати, квалитет, опрема и технологија за поуспешно да се вклучат во синџирот на доставувачи на странските инвеститори во земјава. Во одредени ситуации проблематична е и цената на производите што ги нудат и времето на нивната испорака. Ова се главните заклучоци од двегодишниот проект „Зголемување на конкурентноста на мали и средни претпријатија со цел подобрување на нивната соработка со странските инвеститори“ што го спроведуваат Машинскиот факултет од Скопје, Стопанската комора на Македонија и Техничкиот универзитет од Виена. Основна цел на проектот е да се подобрат перформансите на македонските компании и нивната продуктивност за да станат партнери на одредени странски инвестиции во земјава, но и за евентуална соработка со други странски партнери надвор од земјата.

– Повеќето од домашните компании што покажаа интерес за проектот беа успешни и претходно, а се надеваме дека шесте што беа избрани ќе бидат поуспешни по неговото спроведување. Сите шест компании се од металопреработувачката и автомобилската индустрија, неколку од нив веќе беа во преговори за иницијална соработка со странските инвестиции, а некои од нив првично воспоставија контакт преку проектот – кажа Роберт Миновски, професор на Машинскиот факултет.

Тој нагласи дека две од шесте компании се во финалната фаза на одобрување, а една е веќе влезена во синџирот на доставувачи, бидејќи, како што кажа, во тој случај хиерархијата кај странскиот инвеститор беше помала и можеше побрзо да стане долготраен сертифициран доставувач на странскиот инвеститор.

Во проектот како практиканти биле вклучени и студенти од Машинскиот факултет во Скопје, кои, според професорот Миновски, ќе претставуваат еден од стожерите за продолжување на проектот и по неговото истекување преку стекнатото знаење што ќе можат да го применат во компаниите.

Тој додаде дека на обуките учествувале 17 домашни компании со над 30 вработени. Врз основа на обуките и посветеноста на фирмите и барањата на директните странски инвеститори биле дефинирани шесте компании со кои се спроведени шест пилот-проекти годинава.