Фото: Маја Јаневска-Илиева

И покрај истакнувањето на добрите страни на странските директни инвестиции како придонес на порастот на БДП, внесот на нови технологии, јакнењето на конкуренцијата на домашното стопанство, тие имаат и одредени негативни страни за националната економија, а тоа е ризикот од извлекувањето на капиталот во матичната држава на фирма, односно репатријација на профитот

Државата треба да им даде импулс и поддршка на домашните компании за модернизирање на производството, зголемување на капацитетите и подигнување на стандардите. Македонските инвеститори се мошне важни за нашата економија, особено што износот што тие го инвестираат на годишна основа е многу поголем од износот на странските директни инвестиции. Поради сето тоа, условите за работењето на домашните компании треба да бидат изедначени со тие на странските за да можат да ги развијат своите потенцијали за креирање нови производи и услуги и да бидат поконкурентни, велат економистите, бидејќи, како што истакнуваат, тоа што е важно за странските инвеститори е важно и за домашните и затоа треба да се дизајнира специјална политика, која првенствено ќе ги засега домашните, а нема да ги исклучува странските инвеститори.

Без оглед што бројките се на страната на домашните инвестиции, бизнисмените со години се жалат дека властите во последните десетина години повеќе беа на страната на странците.

Власта донесе нов Закон за финансиска поддршка на инвестициите, со кој се пропишани прецизни критериуми за давање државна помош на компаниите, без оглед на потеклото на капиталот, односно и за домашни и за странски инвеститори еднакво. Но, освен директна поддршка од државата, македонските менаџери сметаат дека властите треба да ги подобрат и условите за водење бизнис во земјава. Пристапот до финансии, несоодветно образованата работна сила, корупцијата во институциите, неефикасната јавна администрација и лошата инфраструктура се клучните проблеми за водење бизнис што менаџерите постојано ги истакнуваат во анкетите на Светскиот економски форум. На прво место, велат, сепак е потребна политичка стабилност, која изминатите години беше разнишана и внесе неизвесност во реалниот сектор, што се манифестира со воздржување од инвестирање.

Директорката на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, Благица Петрески, истакна дека странските директни инвестиции имаат значајна улога за економијата, главно преку диверзификација на извозот, покриеност на увозот и креирање работни места, но и дека нивната соработка со домашните компании сѐ уште е недоволна.

– Покрај оваа директна бенефиција за макроекономијата, за домашните компании бенефицијата од соработката со странските инвеститори во земјата е многу позначајна. Сепак, соработката и бенефициите од трансфер на знаење и технологија сѐ уште се мали и ограничени. Главно поради недоволната технолошка подготвеност и имплементација на стандарди што странските инвеститори ги бараат, но исто и поради неконкурентната цена и недоволниот капацитет за производство во квантитет на домашните компании, и преригидните политики за набавка од страна на странските инвеститори. Но исто така и недостигот од информации и недоволната институционална меморија се пречки за оваа соработка да се зголеми – објаснува Петрески.

Таа додава дека во планот за економски пораст се прават напори за корекција на ваквата состојба, дел преку директна поддршка на домашните компании, а дел преку дизајнирање мерки за странските инвеститори што се директно врзани за степенот на соработка со домашните компании.

– Ефектите од овие мерки треба допрва да се оценуваат. Но сепак постои простор тие да се надградат во насока на отстранување на пречките за соработка и мотивација на домашните компании во инвестиции што ќе го подигнат нивниот капацитет. И тоа мерки за подигање на нивото на стандардизација и правилна имплементација на техничките стандарди од страна на домашните компании, инвестиции во технологијата, стимулативни мерки за производство на инпути и репроматеријали. Од друга страна, поттикнување и на странските инвеститори за инвестиции во менторски програми и соработка со домашните компании – нагласува Петрески.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека во делот на државната системска поддршка перманентно барале еднаков третман на странските и домашните инвеститори, што се овозможило со Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

– За да се забрза економскиот развој на националната економија, неизбежна е системската поддршка и на домашните компании, затоа што без пораст и развој што се базира на јакнење на домашните компании, нема успешен, забрзан и траен економски развој – сметаат од комората.

Оттаму додаваат дека законот придонел за создавање услови за поттикнување на производството и извозот, а сето тоа е за да се подигне конкурентноста на сите економски субјекти независно од нивната големина или потекло на капиталот, во насока да се зголемат економските активности и да се постигне повисок степен на пораст на економијата во целина.

– Имено, странските инвеститори доаѓаат во друга земја поради пазарот, ниските цени на трудот, поволниот даночен систем и различните поттикнувања што им ги дава државата, како што се бесплатно земјиште, ослободување од даноци, па дури и директно плаќање на странските компании од државниот буџет – нагласуваат од СКМ.
Нивното значење, како што објаснуваат, е во тоа што во недостиг од сопствена акумулација, странските директни инвестиции како начин на финансирање стопански пораст што не создава долг во класична смисла на зборот, донесуваат капитал, технологија, знаење и на тој начин придонесуваат за порастот на продуктивноста и за вкупниот развој на националното и на локалното стопанство. Од СКМ додаваат и дека порастот на конкурентноста што произлегува од нив придонесува кон пораст на интернационализацијата и полесен пристап до меѓународните пазари.

– Но и покрај истакнувањето на добрите страни (придонес на порастот на БДП, внесот на нови технологии, јакнењето на конкуренцијата на домашното стопанство), СДИ имаат и одредени негативни страни за националната економија, а тоа е ризикот од извлекувањето на капиталот во матичната држава на фирмата, односно репатријација на профитот – објаснуваат од Стопанска комора.

Неодамна за „Нова Македонија“ Александар Влаховиќ, претседател на Сојузот на економисти на Србија, истакна дека странските компании не треба да имаат некои посебни услови во однос на домашните и дека треба да бидат изедначени, бидејќи без развивање на домашните претпријатија, нема здрава одржлива економија.

– Акцент треба да се стави на домашните компании, треба да им се овозможат сите бенефиции, од банкарски кредити до едукативни програми. Сите овие работи водат кон унапредување на економскиот амбиент – објасни Влаховиќ.

[email protected]