Фото: Игор Бансколиев

За да има Македонија повисок економски пораст, потребно е фокусот да остане на создавањето додадена вредност, што нашата држава како мала економија, која е сиромашна со ресурси, може да го постигне само преку извоз, и тоа преку перманентно подобрување на структурата на извозот

По тешката економска година, деловната заедница и граѓаните во 2019 година очекуваат создавање услови за непречено функционирање на пазарот, владеење на правото и отстранување на сите фактори што го нарушуваат нормалното функционирање на пазарниот начин на стопанисување. Оттаму велат дека приоритетите мора да бидат насочени кон зголемување и поддршка на производството, извозот, инвестициите, пристап до финансирање на компаниите, продуктивноста на работната сила преку континуирано унапредување на образовниот процес, како и кон зајакнување на конкурентноста на македонската економија и намалување на сивата економија, за да се постигнат поголем економски пораст и развој.

Според онлајн-анкетата на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, за тоа каква економска цел треба да си постави Владата на Република Македонија за 2019 година, околу 23 отсто од граѓаните се изјасниле дека е потребно да се отворат повеќе работни места и да се поттикне желбата за работење, околу 19 отсто сметаат дека треба да се зголеми производството, околу 18 отсто велат дека треба да се зголемат платите. Сивата економија како проблем за економското заздравување ја навеле 18 отсто, велејќи дека мора да ѝ се плаќаат даноци на државата. Околу 10 отсто ги споменале продуктивноста и ефикасноста на вработените, околу 5 отсто се изјасниле дека богатите мора да плаќаат повеќе даноци по секоја цена. Порастот на пензиите како фактор за економско заздравување го споменале околу 2 отсто, а 0,20 отсто од испитаниците истакнале дека треба да расте социјалната помош.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески смета дека целта на Владата треба да биде повисок економски пораст од кој корист ќе имаат сите граѓани.

– Значи, фокусот мора да остане на создавањето додадена вредност, што ние како мала економија, која е сиромашна со ресурси може да го постигнеме само преку извоз, и тоа преку перманентно подобрување на структурата на извозот. Странските инвестиции треба значително да ни помогнат во таа насока. Секако, прашањата за прераспределба не треба да бидат исклучени, но во оваа фаза тие треба да останат подредени на создавањето нова вредност – објаснува Петрески.

Како што вели бизнисменот Мендерес Кучи, неопходни се мерки што ќе го поттикнат порастот на економијата, но тие мерки треба да се компатибилни, да се дополнуваат и да ја поддржуваат економијата.

– За економски подем потребни се пораст на домашните и на странските инвестиции, зголемување на извозот, подобрување на патната и железничката инфраструктура, гасификација, како и економски интеграции, најпрвин регионални, а потоа и европски. Но сето ова нема да може да се оствари доколку немаме владеење на правото, сузбивање на корупцијата и враќање на довербата кај инвеститорите за нивната сигурност и сигурноста на нивниот капитал – истакна Кучи.

Според професорот на Универзитетот за Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, сивата економија и недостигот од финансии го задушуваат порастот.

– Првата димензија во зголемувањето на економскиот пораст е редуцирање на сивата економија, а за тоа е потребно зголемување на институционалниот капацитет и тоа од одговорноста на нивните раководители, па до давањето отчет за неисполнувањата и недоволно доброто реформирање. Другите аспекти се од типот на неселективно однесување при примена на законските решенија, па до едукација на економските агенти, ако не со „меки“ мерки, тогаш со репресивни, од типот на санкционирање – нагласува Беџети.

Тој додава дека следната димензија во зголемувањето на економскиот пораст се структурни реформи во економијата и функционирањето на судството.

– Преку овие фундаментални реформи ќе се зголемат инвестициите и преку нив ќе се создаваат нови работни места. Пазарот на трудот треба да биде функционален на пазарната економија, а не преку административни мерки од типот на субвенционирање на најниска плата без пораст на продуктивноста. Основата на сето ова е во образовниот систем, кој коренито треба да се промени во полза на потребите на пазарот на трудот – смета Беџети.