Не по 10.000, туку по 20.000 евра поддршка ќе добиваат младите земјоделци од идната година, најави денеска ресорниот министер Љупчо Николовски.

На промоцијата на првиот Регистар за оператори со органска храна, Николовски напомена дека при давањето на поддршката, повторно предност ќе имаат оние земјоделци што ќе се занимаваат со органско производство или оние што ќе инвестираат во сточарство.

– И овие 20.000 евра предвидени за идната година не се некоја голема сума во споредба со земјите од регионот. Младите земјоделци во Хрватска и Словенија добиваат по 50.000 евра неповратни средства. И ние треба да се движиме во тој правец, истакна министерот.

Тој напомена дека органското производство треба да биде иднината на македонското земјоделство.

Регистарот покажува дека во централна Македонија, Кавадарци, Штип, Свети Николе, Радовиш и Битола, органското земјоделство засега е најзастапено, а во западниот дел од државата органски производители речиси нема, освен по некој сточар во Дебарско., како што беше речено на прмоцијата.

– Конечно, по неколку години, изготвен е електронскиот Регистар и достапни се податоците за органско производство во земјава. Ќе се надмине проблемот на неинформираност што беше заеднички за сите чинители. Купувачите тешко доаѓаа до органска храна, скептични беа околу нејзиното потекло, а трговците кои велеа дека сакаат органски производи, не знаеја кои се фармерите и каде да ги најдат. Производителите, пак, некои што произведуваат ист органски производ, не можеа да се пронајдат и да соработуваат, да разменат искуства за тоа, кои се добрите или лошите страни во производството, рече Габриела Мицевска од ИМЕ Програмата на  Швајцарската агенција за развој и соработка која го поддржа подготвувањето на Регистарот.

Изминатиов период, додаде, паралелно се работеше и на извоз при што беа склучени и договори за пласман, но остана проблемот со нашиот пазар и како тука да ги обезбедиме производите. 

Според Мицевска, засега тројца дистрибутери соработуваат со ланците маркети што значи дека полека почнува ваквиот начин на продажба на органската храна.

До Регистарот може да има пристап секој што сака да купи органска храна. Евидентирани се сите производители, трговци и преработувачи на органски производи. Наведено е кои видови органски производи се достапни, каде и кој ги произведува, а на располагање се и контактите на операторите за директна меѓусебна и комуникација со потрошувачите.

Регистарот до 31 јануари секоја година ќе треба да се ажурира, а за тоа се задолжени сертификациските тела. Тие ќе треба да го надополнат бројот (името и сите останати податоци) на секој нов оператор што во тековната година добил сертификат за органски производи.