Цените на нафтата вчера нагло се зголемија за 4,2 и 5 отсто на азискиот пазар како резултат на договорот за намалување на производството на црното злато.

Аналитичарите стравуваат дека и покрај договорот за намалување на производството, пазарот ќе продолжи да биде преплавен со нафтени резерви поради пандемијата на новиот коронавирус.

Министрите на ОПЕК +, членови на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и други големи производители на нафта, се согласија на видео конференцијата во неделата да го намалат производството на нафта за 9,7 милиони барели дневно во мај и јуни, објави на Твитер мексиканскиот министер за енергија, Рочио Нахле.

Официјални лица од неколку земји кои присуствувале на состанокот преку видео-врска, објавија дека е постигнат договор за намалување на светското производство на нафта за околу десет проценти.

– Средбата заврши со консензус на производителите на ОПЕК + за намалување на производството од мај – напиша саудискиот министер за енергетика, Абдул Азиз бин Салман на Твитер.