Фото: Игор Бансколиев

Од Комората велат дека наместо напуштање на ваквиот пристап, можеби е подобро да се направи длабинска анализа на предностите и недостатоците за сите досегашни мерки, така би знаеле колку даночните ослободувања за странските инвеститори би биле неопходни, сразмерни по обемот и соодветни по обликот за постигнување на целта

Македонија им овозможува еден куп поволности на странските инвеститори што отвориле или сакаат да отворат бизнис во земјата за да привлече што повеќе странски инвестиции, но дилемата што се наметнува е колкава реална бенефиција има од тоа земјата и дали тоа негативно се одразува врз државниот буџет.
Поволностите што нашата држава им ги нуди на оние што ќе решат да вложат во слободните економски зони се групираат во четири позиции даночни ослободувања, царински ослободувања, инфраструктурна логистика и субвенции. Странските инвестиции играат значајна улога во подигнување на економскиот раст и затоа е многу важна институционалната грижа за постојните инвеститори, бидејќи тоа значи дополнителни инвестиции и реинвестирање.
Во студијата „Големата слика: Македонската економија на среден и долг рок“, македонски економисти велат дека треба полека да почне да се напушта практиката на нудење даночни ослободувања на странските инвеститори, затоа што тоа е важно за економскиот развој.

– За да може да се реализира ова без да се избркаат инвеститорите во други земји, треба да се иницира регионална соработка за координирана даночна политика. Со тоа би се избегнала „трката кон дното“, односно тенденцијата земјите од Западен Балкан да си конкурираат едни на други со пониски даноци и даночни ослободувања и на тој начин да се лишуваат од државни приходи – се вели во публикацијата.
Од Стопанската комора на Македонија коментираат дека инвеститорите имаат право на даночни ослободувања во ТИР-зоните, во согласност со Законот за технолошко-индустриските развојни зони, а поврат на платени даноци за поголеми инвестиции, без разлика на локацијата.
– Даночните ослободувања не се даваат по основа на потеклото на капиталот, во смисла дали е некој странски или домашен инвеститор, туку за исполнување одредени услови, дефинирани во законските прописи, односно се достапни како за странските, така и за домашните инвестиции. Даночните поволности главно се однесуваат на данокот на личен доход и данокот на добивка. Ова е облик на инвестициска државна помош одобрена како индивидуална или како шема на регионална помош и истата таа не е со неограничен износ и времетраење – објаснуваат од СКМ.
Оттаму велат дека даночните ослободувања влијаат стимулативно врз одлуката на одредена компанија за инвестирање во државава, што во суштина е и главната цел на државната помош.
– Секоја држава, вклучувајќи ги и нејзините региони, федерални единици и слично, ги креира мерките за привлекување инвестиции во согласност со нивните финансиски можности, но и во зависност од генералните принципи за заштита на конкуренцијата на пазарот на кој припаѓаат, како даватели на помош (ЕУ, САД, СТО и слично) – додаваат од СКМ.

Како што велат тие, концептот за даночни ослободувања или некои други форми на грантови и стимулации е дел од државните политики за привлекување странски инвестиции, а странските инвеститори во земјава одлучуваат да инвестираат правејќи процена на сите аспекти и услови за инвестирање, вклучувајќи ги поволностите од даночен аспект.
– Затоа, наместо напуштање на ваквиот пристап, можеби е подобро да се направи длабинска анализа на предностите и недостатоците за сите досегашни мерки. Така би знаеле колку даночните ослободувања би биле неопходни, сразмерни по обемот и соодветни по обликот за постигнување на целта – сметаат од СКМ.
Тие нагласуваат дека на планетарно, но и на регионално ниво, покрај другите услови за водење бизнис и со даночната политика, државите меѓусебно се „натпреваруваат“ да обезбедат попривлечни услови за бизнисот и зголемен обем на инвестиции. Не може да очекуваме од земјите да не си конкурираат една со друга, кога имаат суверено право да оданочуваат на начин на кој ќе одлучат дека е најсоодветен на нивните состојби.
– Нагло менување на државниот пристап во овие процеси, под мотото за „поголема социјална правда“, нема веднаш да ги избрка инвеститорите, но ќе следува постепено намалување на инвестициите и вработувањата.

Мултинационалните компании имаат многу законски можности за дислокација на профитот, а уште повеќе на инвестициите, па, оттука, сите државни потези на овој план треба да бидат внимателно осмислени и управувани. Да не зборуваме за можните спорови, најчесто преку меѓународни арбитражи, кои може да произлезат поради менување на правилата врз основа на кои инвеститорите донеле одлука за локализирање на инвестицијата, што уште повеќе може да го оптовари државниот буџет – дополнуваат од СКМ.
Во секој случај, велат оттаму, компаниите за да донесат одлука за инвестирање одлучуваат врз основа на многу фактори, а државната помош е само дел од нив.
– Со странските инвестиции државата добива раст на вработеноста, а со тоа и намалување на невработеноста, трансфер на знаење, модерни принципи и практики на управување и раководење, стимулирање на личната потрошувачка, како и раст на извозот – посочуваат од СКМ.
Економскиот експерт Здравко Савески вели дека, според податоците на Народната банка, во 2019 година најголем инвеститор во Македонија биле Бахами, потоа Турција и трета е Бермуди.

– Вкупно од даночните раеви Бахами и Бермуди влегле 75 милиони евра во 2019 година, што претставува околу четвртина од вкупните странски инвестиции во оваа година – истакнува Савески.
Тој додава дека треба да се има предвид и тоа дека се случува од Македонија преку „офшор“ наменски фирми во даночните раеви да внесат во Македонија пари како инвестиции, а и тоа се брои како странски инвестиции.
– Сметам дека треба пренасочување на државната помош со која се субвенционираат странските инвестиции во јавни инвестиции, треба регионалната соработка да се избегне, трката до дното преку сè поголемо удоволување на странскиот капитал и треба селективен пристап кон странските инвестиции, што ќе оневозможи перење на парите преку инвестиции како на домашните, така и на странските – истакнува Савески.

Универзитетскиот професор Никола Поповски вели дека странските инвестиции, иако има доволно исклучоци, во најголем број се влезени во монополски или олигополски пазарни структури, каде што е природно екстра-добивките да се многу високи или, пак, се во сектори што се трудоинтензивни и ја користат многу евтината работна сила на македонските работници, за која дополнително се ослободени речиси од секакви давачки.
– Во другите случаи се работи за доделување некритично висока и долгорочна државна помош, која им го олеснува работењето и зголемува доходовноста. Примери за тоа се бесплатните природни ресурси (ниски концесии, бесплатно градежно земјиште), ослободувањата од разни даноци и други давачки, давањето многу поволности што ги немаат другите инвеститори и, што е најлошо, директното буџетско субвенционирање со тајни клаузули, оттука, добивките им се природно високи – смета Поповски.