Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска во Кавадарци присуствуваше на традиционалната манифестација Тиквешки гроздобер, со којашто официјално се означува почетокот на бербата на грозје.

Министерот Димковски посочи дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, континуирано ја следи бербата и откупот на грозјето и ќе преземе соодветни мерки со цел лозарите да имаат рентабилно производство.

-Ние сме со лозарите и во добро и во лошо, ова е убав настан којшто е традиционален, ние помагаме во развој на оваа гранка. Со конкретни мерки создаваме услови за развој на лозарството како наша стратешка извозноориентирана гранка. Знаете дека моментално е во завршна фаза Законот за вино, каде ќе се даде можност лозарите во домашни услови да произведуваат вино и ракија, олеснети се околностите за акцизи, а секако помагаме и преку другите програми, рурален развој ИПАРД и останати – изјави министерот Димковски.

Над еден милион евра на 6.240 лозари се исплатија деновиве за дополнителната субвенција од еден денар за предадено грозје на регистрирани винарници, со што се комплетираше исплатата на субвенциите за лозарство за 2018-та година.

Пред почетокот на новата производствена сезона исплатени се девет милиони евра на 15.208 лозари за основната субвенција за одржување на лозови насади. Државата го исплати и долгот што винарските визби Повардарие, Стефани и другите регистрирани винарници во регистарот на МЗШВ го имаа како долг кон лозарите за предадено грозје во 2014 и 2016 година. Се исплатија над еден милион и 250 илјади евра на 2.048 лозари.

Според податоците од Државниот инспекторат досега се откупени над 11 милиони килограми грозје. Откупната цена на вранецот е 12,58 денари за килограм, а на смедеревката 11 денари за килограм.

Во завршна фаза се и измените на Законот за вино, со којшто се олеснуваат условите за производство во малите семејни винарници и ќе се воведат нови вински производи, што ќе придонесе и за поголеми приходи за винарските визби и за лозарите, поголем извоз на вино и девизен прилив.