Фото: Игор Бансколиев

Од досегашните искуства и според сведочењето на директните учесници, се воочува дека со воведување само една контрола на границите и електронска размена меѓу земјите, не само што се олеснува работата на царинските служби, туку и се зголемува протокот на патници и стока за 80 проценти

Континуитет на мерките за олеснување на трговската размена

Македонија веќе има воспоставено заедничка контрола на границата со Србија на граничниот премин Табановце за патниот сообраќај, а треба да се воспостави и во делот на железницата на Табановце, како и на патниот сообраќај кон Албанија на граничниот премин Ќафасан.
Со олеснување на проверките на граничните премини, протокот на стока и патници може значително да се олесни, велат транспортерите и апелираат да се воведе една контрола на границите и електронска размена на податоците меѓу земјите. Укажуваат дека со олеснување на протокот на стока на границите значителен позитивен импакт ќе има врз севкупниот развој на економијата во нашата земја и земјите од регионот. На завчерашната средба меѓу владите на Македонија и на Косово беше потпишан договор, со кој се најавува заедничка царинска контрола на железничкиот премин Блаце – Хани Елези. Договорот ќе овозможи поедноставување на граничното регулирање на железничкиот сообраќај и намалување на времето на чекање на граничните премини.
Колку досегашните договори и акции за олеснување на протокот на стока и патници го постигнаа ефектот и како до понатамошно подобрување на транзитот ги прашуваме оние што се најмногу засегнати од граничните процедури – транспортерите.
– Поголем проток на стока и патници преку граничните премин е основниот чинител за побрзо заздравување, раст и развој на економијата во сите држави, а не само во нашата, тоа е начин за сплотување на народите и ширење на културата и надминување на различностите.

Воведувањето заедничка контрола на граничните премини со Косово, по примерот на Табановце и она што се очекува да се направи и на граничниот премин Ќафасан е позитивен чекор што ќе ги намали за 50 проценти тесните грла што постојат и се манифестираат со долги колони возила и подолг период на чекање. Доколку се воведат принципи на воспоставување една контрола, а не заедничка, односно кога се влегува на територија на одредена држава контролата да ја вршат нејзините надлежни органи, а со другата држава по електронски пат да се разменуваат податоците, протокот на стока и патници ќе биде за 80 отсто поголем. Овој принцип треба да се спроведе со сите наши соседи, вклучувајќи ги и граничните премини со Бугарија и со Грција за да кажеме дека ќе функционира принципот на отворен Балкан во вистинска смисла на зборот, односно со воспоставени минимални пречки од безбедносен аспект. Електронската размена на податоци треба да биде основа за заштита, при што најмногу ќе помогне и самиот електронски транзитен систем т.н. Т1 и Т2-документи, кои се издаваат од местото на утовар на стоката, а се затвораат во местото на истовар на стоката, и со кои се гарантира дека секоја држава приемник ќе ги наплати одредените фискални давачки за тој вид стока – објаснува Билјана Муратовска, генерална секретарка на транспортната асоцијација „Макам-транс“.
Муратовска објасни дека достапноста на транспортниот пазар на една држава, пред сѐ, е детерминиран со воспоставени правила на билатерална основа во патниот сообраќај, при што ако постои либерален превоз за сите три вида превоз (билатерален, транзитен и превоз за и од трета држава) нема да постојат пречки за брзо и ефикасно движење на стоките од сите страни на светот. Наедно додава дека здравата конкуренција, принципите во организацијата на превоз и меѓусебната регионална соработка треба да бидат основа за развој на севкупната економија, но и за развој на транспортниот сектор во секоја држава.

– Во овој дел по примерот на регулативата 1072, која важи во ЕУ и мобили-пакетот, да се воспостават правила за вршење каботажа, односно внатрешни превози, со што ќе се надминат сите нелојални конкурентски односи и нестандардни мерки што ги воспоставуваат поединечни држави на штета и на своите економии. Пазарната економија и незините правила ги одредуваат можностите да си или да не си присутен на одреден пазар, а не бариерите што ги воспоставуваат поединечни држави. Од осамостојувањето на Косово, па до денес, постои непишано правило за либерален превоз на сите три вида превоз на стока и така треба да остане и со потпишување билатерална спогодба, особено што и нашата и нивната држава се мал транспортен пазар и меѓусебно треба да соработуваме, а не да си конкурираме и да воспоставуваме законски „бариери“ што ќе доведат до можности за развој на коруптивни активности, зголемување на трошоците на превоз, а сето тоа ќе влијае на цените на репроматеријалите и производите за широка потрошувачка. Генерално меѓу сите држави од Западен Балкан треба да се укинат сите меѓународни транспортни дозволи и да се овозможи полесен и побрз проток на стока – на овој начин ќе се влијае и на квалитетот на возниот парк, а со тоа и на зачувување на животната средина – потенцира Муратовска. П.О.