Фото: Игор Бансколиев

Во последните месеци во Македонија се забележува мало зголемување на инфлацијата. Такви движења, впрочем, се забележуваат и во поголем дел од светот. Како главна причина, економистите ги посочуваат последиците од здравствената криза, која предизвика намалување на понудата на стоки и услуги и, со тоа, зголемување на цените. Економистите велат дека опасностите од натамошна инфлација не смеат да се занемарат, но, сепак, сметаат дека на крајот збирната инфлација во земјава нема да ја надмине проектираната стапка на пораст од околу два отсто

Главна причина за растот на цените се последиците од здравствената криза

Растот на цените на различни стоки и услуги сѐ повеќе се одразува врз животниот стандард, а создава поголем притисок врз граѓаните со пониски приходи. Силен раст се чувствува кај производите што секојдневно се користат во домаќинствата, во текот на изминатава година се зголеми и цената на електричната енергија, која исто така се одразува врз сите граѓани, наедно се воведе и повисока еколошка такса за возилата. Не е за изненадување што при закрепнувањето на економијата по пандемијата, растат и цените. Но дали и инфлацијата тропа на врата?
Во последните месеци во Македонија се забележува мало зголемување на инфлацијата. Такви движења, впрочем, се забележуваат и во поголем дел од светот. Како главна причина, економистите ги посочуваат последиците од здравствената криза, која предизвика намалување на понудата на стоки и услуги и, со тоа, зголемување на цените.
Како што вели универзитетскиот професор Томе Неновски, главна причина за растот на цените се последиците од здравствената криза, која предизвика намалување на понудата на стоки и услуги и, со тоа, зголемување на цените.
– Сепак, опасностите од натамошна инфлација не смеат да се занемарат, особено со повторното зголемување на цената на електричната енергија. Тоа може многу силно да се одрази врз цените на поголем дел од домашните производи во чие производство енергијата, како влезен трошок, има високо учество. Во такви услови ќе биде потребна енергична интервенција на Народната банка, со употреба на расположливите инструменти, во насока на одредено заострување на монетарната политика и остварување на нејзината главна цел – одржување стабилност на цените. На крајот, сепак, сметам дека збирната инфлација во земјата нема да ја надмине проектираната стапка на пораст од околу два отсто – нагласува Неновски.

Благица Петрски, директорка на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, смета дека воведувањето еколошка такса може да значи позитивен сигнал во процесот на зелената транзиција, но сепак е неопходно да се согледаат нејзините потенцијални ефекти.
– Имено, имајќи предвид дека целата транзиција не може да се случи прекуноќ, од економска гледна точка е важен ефектот од зголемувањето на цените на горивата врз општото ценовно ниво на краток рок. Оттука, воведувањето на еколошката такса во висина од просечни 6,2 отсто од цената на литар гориво ќе придонесе со дополнителни 0,15 до 0,3 отсто пораст на општото ценовно ниво на краток рок. Краткорочниот ефект ќе се почувствува уште во првиот месец од воведувањето на еколошката такса – објаснува Петрески.
Според неа, долгорочниот ефект од зголемување на цената на горивата врз вкупните цени е посилен и може да е позначаен, бидејќи еколошката такса е перманентна промена и, оттука, долгорочно гледано, воведувањето на еколошката такса ќе придонесе со дополнителни 0,8-0,9 проценти пораст на општото ценовно ниво.
– Двата ефекта, краткорочниот и долгорочниот, иако се мали, не треба да се потценуваат. За да се разводни ефектот врз општото ценовно ниво, предложивме воведување на еколошката такса во етапи, и тоа 1,5 денар во јули 2021, 1 денар во јануари 2022 и 1 денар во јули 2022. Исто така, препорачуваме да се креира фонд за зелена транзиција, кој ќе осигури дека средствата собрани преку еколошката такса навистина ќе се употребат за поддршка на зелената транзиција во земјата. Во тој контекст, препорачуваме Владата да преземе акција со која ќе го демантира впечатокот дека еколошката такса се воведува за да ги компензира фискалните приходи што ќе се изгубат поради намалувањето на ДДВ на електричната енергија – истакнува Петрески.

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, истакна дека инфлацијата умерено забрза под влијание на глобални фактори, но, сепак, тоа не се промени што ги создава побарувачката и засега не се очекуваат потрајни инфлациски притисоци.
– Растот нема да доведе до поголеми притисоци врз инфлацијата, која се очекува главно да се задржи на умерено ниво, иако се прави умерена нагорна корекција, пред сѐ, поради раст на увозните цени, пред сѐ кај енергенсите и храната, и кој се оценува како привремен – посочи Ангеловска-Бежоска.