Фото: Маја Јаневска-Илиева

Новиот бран на ширење на коронавирусот и воведувањето строги мерки на затворање низ европските земји доведоа до дополнително намалување на продажбите на европскиот пазар, а со самото тоа и до дополнителни проблеми за македонските текстилни компании

Доцнењето на петтиот пакет мерки ги натера сопствениците на текстилните компании да испратат над шест илјади работнички на колективен одмор. Во состојба на недонесување на мерките со кои на фирмите треба да им се помогне да ги исплатат своите работници или со задолжување во банка да го премостат овој период, работодавците го прават единственото што можат за да ги задржат работните места. Исто така, новиот бран на ширење на коронавирусот и воведувањето строги мерки на затворање низ европските земји доведоа до дополнително намалување на продажбите на европскиот пазар, а со самото тоа и до дополнителни проблеми за македонските текстилни компании.
Според Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци, поради големиот карантин во Германија, најголемиот број текстилни фабрики во Македонија останаа без работа.
– Недонесувањето на петтиот сет економски мерки не е причина за затворањето на фабриките и принудниот одмор на вработените, но може да биде причина за напуштање на голем број работници по искористувањето на годишните одмори. Токму поради надежта на менаџерите дека ќе се донесе петтиот сет мерки, овие работници, наместо отказ, добија годишен одмор. Но ако донесувањето на петтиот сет мерки се оддолжи во Собранието, тогаш најпрвин нема да се продолжуваат договорите на определено време, а потоа ќе се прогласуваат и технолошки вишоци – објаснува Димитров.

Тој вели дека досегашните четири пакети спасија многу работни места во текстилната индустрија, затоа што услов за да се добие помошта е да не е намален бројот на вработените и работодавецот има обврска да го задржи истиот број на работници уште два месеца од добивањето на помошта.
– Но ако работодавецот почне со отпуштања, тогаш не постои никаква мерка што ќе ги запре понатамошните отпуштања – смета Димитров.
Како што дополни тој, бидејќи оваа индустрија силно е поврзана со случувањата во Германија, не постои решение на проблемот сѐ додека не се смири пандемијата таму.
– Економската помош може за неколку месеци да ги спаси овие работни места, но тоа не може да се прави постојано. Се надеваме дека помошта ќе се изгласа за следните три месеци и состојбата во Германија ќе се подобри. На тој начин ќе се спасат многу работни места – вели Димитров.
Според Стопанската комора на Македонија, во наредниот период се очекува намалување на продажбата за 40-50 отсто во однос на претходните години, а за исто толку би се намалиле и нарачките од странските партнери.
– Точно е дека поголем дел вработени во текстилната индустрија се на принуден одмор, како што е точно дека на компаниите им недостигаат финансиските средства од петтиот сет мерки, пред сѐ за исплата на плати, кои доцнат подолг временски период, но доколку целокупната неизвесна ситуација со коронавирусот продолжи и во наредниот период, пред сѐ во западноевропските земји, од каде што доаѓа и најголем дел од деловните партнери, се очекува и затворање на дел од текстилните компании и отпуштање на работниците – објаснуваат од СКМ.

Оттаму нагласуваат дека апелирале за што побрзо носење на Законот за финансиска поддршка за плати на вработените од петтиот пакет антикризни мерки, за зачувување на работните места и опстојување на компаниите од овие дејности во наредниот период.
– Секако дека се неопходни дополнителни економски и други релевантни мерки, кои ќе им овозможат директна финансиска поддршка на овие трудоинтензивни индустриски сектори, поддршка за развој на конкурентноста, автоматизација и дигитализација на одредени сегменти од производствениот процес, набавка на нова опрема во согласност со промените на пазарот – истакнуваат надлежните од Комората.
Поради мерките за заштита од пандемијата кај најголемите трговски партнери на домашните компании и намалената потрошувачка на текстилни производи, во изминатиот период, евидентна е тенденцијата на намалување и откажување на налозите од странство, а со оглед на дополнителните актуелни затворања на европските држави и на Германија, и во следниот период се очекува откажување или намалување на обемот на нарачките.

– Според најавите и процените на сопствениците на компаниите, ќе бидат потребни повеќе од шест месеци за нормализирање на нарачките и на производството, а тоа би значело дека наредниот период би бил период на намалена економска активност, што би имало голем негативен економски ефект во поглед на намалена профитабилност и ликвидност на компаниите – додаваат од СКМ.