Бизнис делегација на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) од денеска до 1 јуни ќе учестувува на „Бизнис форум: Франција – Балкан 2018“, што се одржува во Белград, Република Србија.

Целта на бизнис форумот, на кој учествуваат над 400 компании од 12 земји е да се унапредат трговските односи со Република Франција, да се поттикнат инвестициите и заедничката соработка. На Бизнис форумот покрај експерти, менаџери на големи светски  корпорации, претставници од владиниот сектор и јавни институции, учествуваат сопственици на големи производствени компании од Франција, кои се присутни на Балканот, како и стопанственици од 12-те земји – партнери на овогодинешниот Бизнис форум: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Хрватска, Македонија, Грција, Косово, Молдавија, Црна Гора, Романија и Србија.

Фокусот на овогодинешниот Бизнис форум е ставен на земјоделско-прехранбената индустрија, информатичката технологија, туризмот, инфраструктурата и енергетскиот сектор, а особено на обновливите извори на енергија.

Економскиот форум претставува одлична можност за македонските компании да остварат билатерални средби со потенцијални бизнис партнери од Франција во делот на дистрибуција на француски технологии, продукти, услуги на домашните пазари, набавка на нова опрема и технологии од Франција за подобрување на капацитетите, потоа наоѓање француски партнери за заедничко аплицирање на тендери, како и за инвестирање во зголемување и проширување на производствените капацитети на Балканот. Исто така, компаниите ќе имаат можност за потенцијално партнерство за заеднички настап на трети пазари.