Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, ја објасни постапката за добивање на финансиска поддршка за работодавачите, за исплата на плати во октомври, ноември и декември 2020 година.

Таа посочи дека се аплицира преку системот за Е-даноци, најдоцна до 10 во месецот. Лукаревска посочи и девет услови кои секој работодавач мора да ги исполни за да му бидат исплатени средствата.

– Со Законот за финансиска поддршка на работодавачи погодени од кризата се овозможува исплата на плати за секој вработен, за месеците октомври, ноември и декември 2020 година во износ најмногу до 21. 776 денари. Постапката за добивање на оваа финансиска поддршка се остварува со поднесување барање за финансиска поддршка преку системот за Е-даноци на УЈП, најдоцна до 10 овој месец за октомвриската плата, а за другите исплати најдоцна до 10-ти во месецот за претходниот месец. УЈП по ова барање ќе одговори дали истото е комплетно или не, во рок од три дена од доставување на барањето.

Доколку работодавачот добил потврден одговор од УЈП дека барањето е прифатено, тогаш во МПИН пресметката, за работниците за кои побарува финансиска поддршка, внесува шифра 5001. По обработката на образецот, УЈП го известува работодавачот за вкупниот износ на финансиската поддршка која ќе му биде исплатена за соодветниот месец – кажа Лукаревска.

За намалени приходи од 30.01 процент до 40 проценти државата планира да врати до 14.500 денари по вработен. За намален приход од 40.01 процент до 50 проценти, планирани се 15.955 денари по вработен. За намален приход од 50.01 процент до 60 проценти, планирани се до 17.410 денари по вработен. За намален приход од 60.01 процент до 70 проценти, планирани се 18.865 денари по вработен. За намален приход од 70.01 процент до 80 проценти планирани се 20.320 денари по вработен. И за намален приход од над 80 проценти, износот за финансиска поддршка за исплата на плати изнесува 21.776 денари по вработен.

– Работодавачот кој освен финансиска поддршка за исплата на плата на работниците, има право да користи и мерка субвенционирање на социјалните придонеси и или данок на личен доход во полето 3.23 во полето од МПИН образецот ја внесува соодветната шифра за ослободување и истата ја користи со шифрата 5001. По обработката на податоците, УЈП ја информира Владата односно генералниот секретаријат за тоа кои работодавачи исполниле услови за финансиска поддршка, а Владата ги исплаќа средствата до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец – додаде Лукаревска.

Работодавачот ќе треба да врати 50 проценти од примената финансиска поддршка во буџетот на државата, по посебни услови предвидени во законот. Работодавачите кои ќе искажат негативен финансиски резултат нема да треба да ги враќаат средствата.

– Условите за добивање на финансиска поддршка се опишани во законот. Работодавачот потврдува дека ги исполнува во соодветното барање. Условите се остварениот приход на работодавачот во референтниот период од април до септември 2020 година да е намален за 30 проценти споредено со истиот период минатата година, за исплатата на плата за октомври, односно референтниот период од април до октомври 2020 година со истиот период во 2019 година за поддршката во ноември. Под број два, бројот на вработени во месецот за кој што се бара финансиската поддршка да е ист или поголем во однос на бројот на вработени заклучно со месец август 2020 година, со исклучок на одјавените работници согласно условите од овој закон. Односно, тоа е отказ од страна на работникот, пензионирање, смрт, престанок на работен однос по дисциплинска постапка, по судска пресуда или трајна неспособност. Под број три, работодавачот не исплатил и нема да се изврши исплата на дивиденда и награда за деловна успешност, или друг вид на деловна награда на вработените или органите на управување, барател на финансиска поддршка до денот на исплаќање на платата во месец декември 2020 година.

Износот на финансиската поддршка по вработен ќе зависи од степенот на намалениот приход. Услови има и во делот на работниците за кои се бара финансиска поддршка. Работникот за кого се бара финансиска поддршка, нема остварено нето плата поголема од 39.000 денари за месеците јуни, јули, август или септември 2020 година, за секој месец одделно и сразмерно на часовите за сработено работно време. Под број пет, работодавачот не исплатува плата повисока од 120.000 денари за месецот за кој се бара финансиска поддршка на повеќе од 10 проценти од вкупниот број на вработени. За работниот за кој се бара финансиска поддршка, работодавачот не користи ослободување од плаќање на данок на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност односно од мерките од проектот ‘Македонија вработува’. Под број седум, работникот за кој бара финансиска поддршка не е работник пријавен на дополнително работно време. Под број осум, во годишната сметка и финансиските извештаи за годините 2017, 2018, 2019 година има остварено кумулативно, акумулирани добивки пред оданочување помали, односно поголеми од 600.000 денари, ако има повеќе од 2.000 вработени лица во месецот во кој користи финансиска поддршка. Последниот услов под број 9 е во времетраењето на финансиската поддршка и два месеци по месецот за кој е користена финансиската поддршка, нема да го намали бројот на вработени – објасни Лукаревска.