Дебарските јагниња и годинава ќе завршат на италијанската велигденска трпеза.

-Сточарите од општините Дебар и Центар Жупа располагаат со околу 20 илјади јагниња. До сега се откупени над 18.000 од „Полог“ – Гостивар и „Стокопромет“ – Скопје. Продолжува традицијата тие главно да бидат извезувани за Италија. Останатиот процент јагниња, сточарите ќе ги чуваат за продажба на локалните жители за Велигден, Први мај и Ѓуровден – вели претседателот на здружението на сточари „Даши“, Скендер Аме.

Тој, сепак, го нагласува незадовоството на сточарите од откупната цена која изнесувала 135 денари за килограм жива мера. За разлика од пред неколку години кога цената беше 180 денари, додава, последните пет години бележи континуирано намалување.

-Во немањето друг излез сточарите ја прифаќаат цената иако се свесни дека не е обејктивна. Сепак, голема подршка за нас се секако субвенциите што ни ги дава државата – нагласува Аме.

Сточарите од двете општини од овој регион располагаат со повеќе од 35.000 грла ситен добиток.