Голем број компании, дури 67 отсто, во текот на изминатата година работеле од далечина и една третина од нив ќе продолжи да работи на ваков начин и во иднина

Организацијата на работодавци на Македонија, помогната од Европската Унија, а со техничка помош на Меѓународната организација на трудот, спроведе истражување за влијанието на ковид-19 врз претпријатијата во Македонија. Истражувањето беше спроведено од страна на професорката Никица Мојсоска Блажевски, а во него учествуваа 246 претпријатија членки на Организацијата на работодавци.
Анкетата ја мери перцепцијата на претпријатијата во однос на нивниот континуитет во работењето, финансиската стабилност, статусот на работната сила, ефективноста на тековните владини мерки за поддршка и ставовите на деловните субјекти. Истражувањето покажа дека во периодот октомври-декември 2020 година, состојбата е нешто подобрена во однос на периодот април-јуни, кога била спроведена првата анкета од ваков тип. Така, во овој период продолжиле со работа 83 проценти од компаниите, за разлика од периодот април-јуни кога работеле само 22 отсто од компаниите.

Над 50 проценти од анкетираните истакнале дека главните оперативни предизвици се отсуството на вработените од работа поради болест или поради владините уредби, голем пад на побарувачката за производите на претпријатието и задоцнето плаќање од страна на купувачите. Слично на првата анкета, мал број компании, 12 отсто, од анкетираните, отпуштиле до 10 проценти од вработените. Голем број компании, дури 67 отсто, работеле од далечина и една третина од нив ќе продолжи да работи на ваков начин и во иднина.
Што се однесува на видот и големината на владината поддршка за справувањето со негативните ефекти предизвикани од ковид-19, дури 61 процент од анкетираните покажуваат релативно незадоволство. Најмногу ценета мерка и во сегашната анкета, исто како и во претходната, е „субвенција на плата“. Дури 46 проценти од оние што се изјасниле дека ќе конкурираат и за петтиот сет мерки кажале дека ќе се пријават за субвенционирање на платите, 16 проценти за грантови за посебни индустрии, а 14 проценти за одложување на плаќањето на кредитите.


Да се воспостават построги критериуми за добивање поддршка

Врз база на анализата, Организацијата на работодавци ги предлага следниве мерки до Владата:

  • да се донесе петиот пакет мерки за подршка, затоа што состојбата со пандемијата сѐ уште не се подобрува и предизвикува големи проблеми во работењето на претпријатијата;
  • да се развијат построги и посоодветни критериуми за квалификуваност на претпријатијата за добивање поддршка, кои ќе овозможат средствата да ги добијат компании на кои навистина им е потребна помош, а истовремено да се намалат загубите поради неефикасна распределба на ресурсите;
  • да се земат предвид сезонските флуктуации на вработени во дејностите како што се угостителството и туризам;
  •  да се приспособат критериумите за пристап до заемите за ликвидност, бидејки е потребно овие заеми да ги користат компаниите што имаат проблем со ликвидноста и се борат за опстанок, а не компаниите што имаат раст на приходите и кои и без помош ќе преживеат;
  • да се продолжи со кофинансирањето на инвестициските активности на претпријатијата заради подобрување на нивната продуктивност, но со измени на критериумите што беа наведени во законот.