Два големи јубилеја, 25 години од издавањето на првиот број на Бизнис-каталогот и 25 години постоење на манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ ќе одбележи годинава агенцијата „Марили“.
Јубилејната манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ ќе се одржи на 27 мај во хотелот „Хилтон“ во Скопје, а им е посветена на 25 жени менаџери што биле дел од досегашните избори во изминатиот четврт век, а овој пат ќе бидат наградени за нивното континуирано успешно менаџирање, но и успешно справување во услови на ковид-криза.
Избрани се претставнички на приватниот бизнис од различни области и дејности од целата држава од мали, средни, но и од големи компании, се со цел да се покаже дека жената менаџер е присутна во сите дејности и на сите нивоа и дека е длабоко втемелена во економскиот развој на државата.
Менаџерките ќе бидат наградени со мермерни статуетки „жена водилка“.
Покрај овие 25, ќе бидат наградени уште четири жени од други областа што се успешни и докажани професионалци во својата дејност и се вистински бренд во нашата држава, но и надвор од неа. Со тоа се покажува посветеност кон успесите на жената во општеството, која како личен пример остава траен белег и е поттик за младите генерации.
Традицијата на Бизнис-каталогот, пак, е да го промовира и презентира најдоброто од нашата земја како од економски, така и од културен, туристички и друг аспект, а овој пат се заокружува и како двоен јубилеј, одбележувајќи ја и 30-годишнината од независноста на државата.