Фото: Игор Бансколиев

Новонастанатата состојба со ковид-кризата ги натера граѓаните на сѐ поголема побарувачка за консумирање храна од квалитетно и здраво земјоделско производство

За време на пандемија во целост доаѓа до израз значењето на органското производството на храна. Новонастанатата состојба ги натера граѓаните на сѐ повеќе консумирање храна од квалитетно и здраво земјоделско производство. Во Македонија постои интерес за поминување од конвенционално во органско производство, но сепак сѐ уште е мал бројот на земјоделците што продуцираат органски производи. Според податоците на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, во 2011 година вкупната сертифицирана органска производствена површина била 6.581 хектар, но во текот на годините постепено се намалувала, и дури во 2019 година достигнала до 5.206 хектари.
Причините за малите органски земјоделски површини се недоволното техничко знаење, немањето соодветни препарати, сертифицирани семиња, како и ограничениот пристап до пазарите.
Според претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, органското производство во Македонија сѐ уште е неразвиено, бидејќи нема доволно знаење за вакво производство, кое е значително покомплицирано од класичното производство.

– Покрај сето ова, друг фактор е и немањето каде да се пласираат овие производи, бидејќи цената на органските производи е двојно повисока и затоа доколку нема обезбедено пазар, тоа е целосно неисплатливо – вели Станковски.
Според него, во земјава тешко дека ќе дојде до развој на овој вид производство доколку не се обезбедат пазар и кадар што би бил технички оспособен за ваква дејност.
– Македонија е мал производител на храна со расцепкани земјоделски стопанства, за да може да биде значаен фактор на глобалниот пазар. Сепак, огромни пространства со недопрена природа се голем потенцијал за органско производство, кое е многу барано и добро платено во странство – смета Станковски.
Како што додава тој, Македонија е земја во која не се користеле големи количества вештачко ѓубре и пестициди, и со оглед на тоа земјоделските површини не се загадени и може да се користат за органско земјоделско производство.
– Проблемот е што тие површини што најмногу одговараат за одгледување органски производи се наоѓаат во подрачјата на нашите села што се веќе иселени и чистите земјоделски површини се наоѓаат на понепристапни места додека, пак, искористените, попрофитабилните површини се користат за стандардно земјоделско производство – додава Станковски.

Во Македонија постои интерес за поминување од конвенционално во органско производство, но сепак сѐ уште е мал бројот на земјоделците што продуцираат органски производи. Дали причините лежат во малите органски земјоделски површини, недоволното техничко знаење, немањето соодветни препарати, сертифицирани семиња…

Ако цената на домат добиен со класично производство чини околу 40 денари за килограм, појаснува Станковски, доматот произведен органски ќе чини двојно повеќе, бидејќи и препаратите што се користат за заштита се многу поскапи, но и лимитирани.
– Поради тие причини, органскиот производ многу тешко ќе се продаде. Кај нас, има индивидуални земјоделци што се занимаваат со органско производство, но се премногу мали да ги понудат своите производи на странските пазари, а од друга страна, пак, не се здружуваат и со тоа како самостојни производители не се конкурентни – додава Станковски.
Како што вели претседателот на здружението, има голем број земјоделци што се префрлиле на органско производство без да размислуваат за пласманот и за побарувачката на таквите производи.
– Оние што веќе го изоделе трнливиот пат за стекнување на сертификатот, увиделе дека ситуацијата не е толку едноставна и дека за вистинска промена се потребни окрупнување, организирање и добро разработена стратегија – истакнува тој.
Непостоењето единствен маркетинг-менаџмент за македонско органско производство е една од причините за малото органско производство, кој би имал цел да врши регистрација на производителите, координација на производството, усогласеност и цврста контрола на квалитетот на производите (битно за откупувачите), усогласување на цените, и на крајот организирање на транспортот до купувачите. Без ваква организираност, органските производи се продаваат по исти цени како стандардните земјоделски производи.

Професорот Љупчо Михајлов од Земјоделскиот факултет истакнува дека државата има потенцијал за развој на органското производство.
– Можности има. Постои и стратегија за развој на органското производство, која е многу добро напишана, но проблем е што таа во практиката не се применува. Дополнителен проблем е што нема репроматеријали, нема сертифицирани семиња за органски производи, а нема ниту биопрепарати со кои би се третирале овој вид производи – нагласува Михајлов.
Според него, треба да има постојана едукација на населението, но и на производителите за органското производство.
Конечно, експертите се согласни дека за развој на органското производство е неопходно постојано истражување и приспособување кон побарувачката и дека фокусот треба да се стави на руралните средини, кои имаат голем потенцијал поради екстензивното традиционално земјоделство. Пелагонискиот Регион, според нив, нуди поволни климатско-почвени услови за развој на растително и сточарско органско производство.