Властите на данскиот град Одшеред воведоа четиридневна работна недела за сите вработени во општинската администрација, во која се вработени околу 300 луѓе, за да можат во иднина петок да го користат како слободен ден.

Одшеред е полуостров во северозападниот дел на островот Зеланд во Данска, на околу 100 километри од Копенхаген, и во градот живеат околу 33.200 лица.

Кирстен Лунд Марквардсен, вработена во општинската администрација, рече дека по долги дискусии со градските власти, тие решиле конечно да ја стават во акција идејата за четиридневна работна недела.

Таа додаде дека сите во градската власт веруваат дека ова дополнително ќе ги мотивира вработените да обезбедат уште подобри услуги за граѓаните.

– Сигурни сме дека луѓето ќе ценат што ќе имаат дополнителен ден за одмор – вели Марквардсен за „Денмарк њуз“.

Таа рече дека општинските службеници сега ќе работат 35 часа неделно, додека стандардната работна недела во Данска е околу 37,5 часа.

Државните службеници во општината се воодушевени од новиот начин на работа и се задоволни што сега ќе имаат три дена одмор за социјални активности дома и во нивниот приватен живот, пренесува „Денмарк њуз“.

Оваа идеја не е нова. Милијардерот Ричард Брансон е заговорник на идејата за воведување на тридневна работна недела, во чие прифаќање се обидува да ги убеди лидерите во бизнис-заедницата, тврдејќи оти денешното доба на модерна технологија дава можност да се намали бројот на работни часови во седмицата.

– Напорната работа е клучна, но уживањето во тоа што го имате е подеднакво важно – вели Брансон (неговото богатство се проценува на 4,1 милијарда долари), нагласувајќи ја потребата од релаксација, „полнењето на батериите“ и поврзувањето со блиските луѓе, за која тврди дека овозможува постигнување на рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот.

Мислењата за ваквата идеја се поделени, но се чини дека полека се отвора патот за нејзино остварување, бидејќи се зголемува бројот на компании што одлучија да воведат четиридневна работна недела. Тие ја применуваат ваквата практика на различни начини, преку работни денови со десетчасовна смена, или пак, скратена работна недела од 32 часа. Одредени распореди вклучуваат осум смени од по девет часа и една од осум часа, со слободни петоци. Идејата почнаа да ја тестираат синџири на брза храна и софтверски компании во САД, како и повеќе компании во Велика Британија.

Вработените во софтверската компанија „Вилдбит“ работат според 32-часовна работна недела, која вклучува четири работни денови, во изминатите две години. Скратената работна недела почна како експеримент, но се покажа како успешна идеја од која има придобивки.

– Го продолжувавме траењето на експериментот и кога ги согледавме резултатите по една година, сфативме оти успеавме да сработиме повеќе во таа година – вели Натали Нагели, извршната директорка на компанијата.

Австралиската компанија за дигитален маркетинг „Верса“, пак, неодамна се пофали со успехот по воведувањето на „неработната среда“ која ја имплементира во Сиднеј, Мелбурн и во Сингапур.

Менувањето на работниот распоред донел позитивни резултати, бидејќи приходите на „Верса“ се зголемиле за 46 отсто, а профитот тројно, во изминатите 12 месеци.

Колку е прифатлива идејата за скратена работна седмица во Македонија и каков ефект би имала примената на четиридневната работна недела во земјава, се прашања што се наметнуваат по зачестените написи за примената на ваквата практика низ Европа и светот.

Македонските работодавци, за „Нова Македонија“, неодамна истакнаа дека идејата би можела да се примени во одредени дејности, но дека таа ќе има сосема спротивен ефект во трудоинтензивните дејности. Тие исто така посочија дека според законот, работната недела сега трае 40 часа, и дека доколку се намали на 32, одредени гранки ќе претрпат преголеми загуби.

Идејата за скратена работна недела во последно време дојде до израз поради економските, општествените, здравствените и технолошките причини. Всушност, преоптовареноста со работа резултира со илјадници заболени од депресија секоја година, прекувремената работа го отежнува балансирањето меѓу кариерата и грижата за семејството, а покрај сето тоа, развојот на технологијата го трансформира концептот на работа и работен ден какви што ги знаеме денес.