Саудиска Арабија и Русија ги притискаат САД да склучат договор за намалување на испораката на сурова нафта во светот најмалку за 10 милиони барели на ден во обидот да ги стабилизираат цените поради ударот на пандемијата на ковид-19 врз
побарувачката

Oрганизацијата на државите извознички на нафта (ОПЕК+) денеска треба да одржи состанок заради воспоставување примирје помеѓу Саудиска Арабија и Русија, кои војуваат за пазарниот удел откога, од јануари годинава, цената на суровата нафта падна за 60 отсто.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе воведе царина на увозот на сурова нафта доколку е потребно за да ги заштити работните места во американската енергетска индустрија поради падот во цените на нафтата.

Саудиска Арабија ја одложи новата цена на суровата нафта за испорака до мај, додека ги чека резултатите од конференцијата, што покажува дека престолонаследникот, принцот Мохамед бин Салман, не сака да го преплави пазарот со евтини суровини пред да се постигне договор.

Покрај САД и производителите од ОПЕК+, Бин Салман може да побара од сите држави што произведуваат повеќе од еден милион барели на ден да го намалат производството. Ова ги вклучува Канада, Кина, Бразил, Катар, Норвешка и Велика Британија. Инаку, Саудиска Арабија ќе продолжи да произведува 12,3 милиони барели на ден, што може да доведе до едноцифрени цени, што ќе ја погоди американската индустрија од нафтени шкрилци, која се наоѓа во средина меѓу Саудиска Арабија и Русија веќе шест години. Б.З.