Фото: Игор Бансколиев

Намалувањето на побарувачката на електрична енергија повлекува и намалено производство кај електроцентралите, а секако и намалена цена на берзите. Ваквите движења на светските берзи, според домашните познавачи на состојбите, би можеле да се одразат и врз цената на струјата, која ја одредува регулаторот, поточно врз цената што ја плаќаат домаќинствата

Во изминативе месеци, поради мерките за сузбивање на пандемијата на новиот коронавирус, голем број од компаниите во земјава го прекинаа своето производство или, пак, работеа со намален интензитет што резултира со намалување на потрошувачката на енергија. Како ќе влијае оваа состојба врз формирањето на цената на електричната енергија допрва ќе видиме, бидејќи првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, посочува дека допрва ќе се разгледуваат барањата на енергетските компании.
– Енергетските компании се обврзани да достават барањата до регулаторното тело, и ние ја следиме нивната работа.

Треба да формираме цена за 2020 година, која по многу нешта е специфична година, пандемијата натера голем дел од компаниите да ги намалат трошоците, бидејќи не правеа интервенции, освен планираните, не градеа нови приклучоци или, пак, ги правеа во помал обем, дополнително инвестициите беа стопирани, сменското работење намалено. Од друга страна, и потрошувачка на електричната енергија е намалена пред сѐ кај комерцијалните објекти што беа затворени. Затоа ја следиме и ја анализираме состојбата, за да утврдиме репрезентативна слика, да знаеме кои им се реалните трошоци и доколку има потреба, можно е на одреден период да ја одолжиме одлуката. Бидејќи очекуваме полека економијата да се стабилизира и компаниите да се враќаат на нормалните текови на работа, ќе следиме и ќе видиме како ќе биде.

Доколку имаме доволно добри податоци ќе донесеме одлука во согласност со плановите. Исто така, внимаваме и наплатата како ќе се одвива, каде што состојбата е мошне подобрена по првичниот шок, кој се појави кај граѓаните по избувнувањето на пандемијата – објасни Бислимоски.
Во согласност со последниот извештај на Државниот завод за статистика, за потрошувачката на енергија во земјава во текот на март оваа година во споредба со истиот месец минатата година имаме раст на увозот за 10,4 отсто. Притоа, исто така, може да се забележи и раст на потрошувачката на енергија кај домаќинствата за истиот споредбен период од 14,2 проценти.
Домашните експерти укажуваат дека влијанието на пандемијата врз електроенергетскиот сектор е големо и пред сѐ во насока на намалување на побарувачката на електрична енергија.

– Намалувањето на побарувачката на енергија повлекува и намалено производство кај електроцентралите, а секако и намалена цена на електрична енергија на берзите, која последните два месеца се движи околу 25 евра за мегават-час. Секако дека цената на електрична енергија е пазарна категорија и како и другите енергенти (нафтата и природниот гас) има тренд на намалување. Тоа значи дека намалените цени би требало да повлечат пониска цена на електричната енергија и овој тренд се очекува да биде до крајот на летото, поточно до септември или октомври – објаснува професорот Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Чаушевски додава дека цената на електрична енергија кај нас ја формира РКЕ во средината на секоја година и додава дека тие ја формираат цената само за регулираните потрошувачи, поточно за домаќинствата.
– Преостанатите потрошувачи како што се сервисите и услугите, малата индустрија и стопански објекти до 35 киловати напонско ниво сами настапуваат на пазарот и за нив се очекува дека цената ќе биде пониска. Исто така, и големите индустриски потрошувачи на 110 киловати напонско ниво настапуваат самостојно на пазарот на електрична енергија и за нив цената треба да биде пазарна.

Значи РКЕ ја формира цената за домаќинствата, кои се околу 35 отсто од вкупната потрошувачка во земјава. Ова цена се формира врз основа на трошоците на енергетските компании (ЕСМ, МЕПСО и ЕВН), како и врз основа на испорачаната и дистрибуираната електрична енергија. Според моето мислење, можно е мало намалување на цената на електричната енергија и за овие потрошувачи, поточно за домаќинствата – заклучува Чаушевски.