Сѐ повеќе се прават споредби со глобалната финансиска криза во 2008 година

Економистите го користат овој термин кога опишуваат сосема неочекуван, редок настан што има катастрофални последици за финансиските пазари и за реалната економија. Сепак, аналитичарите смируваат и уверуваат дека економијата повторно ќе се стабилизира штом ќе помине најтешкиот бран

Економистите деновиве главно расправаат за тоа колку далекосежни последици ќе има коронавирусот врз економијата, при што светските медиуми често го користат изразот „црн лебед“, кој се однесува на целосно неочекуван и редок настан со катастрофални последици за финансиските пазари и за реалната економија, пишува „Дојче веле“.
Како што се вели во текстот, сѐ повеќе се прават споредби со глобалната финансиска криза во 2008 година, кога пропаѓањето на една од водечките американски банки со 150-годишна традиција беше целосно неочекувано, а ефектите од банкротот беа екстремно далекосежни.

Во тоа време, катастрофата доаѓаше од финансиските пазари и влијаеше на реалната економија. Денес е обратно, имаме затворени фабрики, затворени погони, откажани саеми, но и културни манифестации, многубројни авиолетови се укинати, а дополнително и во одредени делови на светот на милиони луѓе им е забрането да ги напуштат сопствените домови. Ова сигурно ќе се одрази врз самата економија.
Од избувнувањето на епидемијата на коронавирусот во Кина и обемните мерки за изолација во таа земја, кинеската економија престана да биде двигател на глобалната економија. Поранешниот шеф на Бундесбанк Аксел Вебер проценува дека кинеската економија ќе се намали за 1,5 процент во првиот квартал од оваа година, што сигурно ќе има глобални последици.

Сепак, аналитичарите во земјата смируваат и уверуваат дека во денешно време економиите се поотпорни на нагли шокови отколку во минатото.
– Нема сомнение дека пандемијата има влијание врз економиите. Но современите економии се неизмерно поотпорни отколку во претходните периоди од историјата на човекот. Значи, додека црната смрт целосно ги десеткувала и структурно ги променила економиите на Европа во 14 век, многу поголеми пандемии како што биле шпански грип (1918) и сидата (1980 година до денес) имаа значително помало, па дури и минимално економско влијание. Актуелниот коронавирус (поинаква варијанта на вирусот САРС) е самоограничувачки и далеку помалку заразен од другите респираторни вируси. Како резултат на тоа, носи дел од фаталноста на грипот.

Вирусот сега се движи низ целиот свет и истата шема што ја видовме во Кина и во Јужна Кореја, очекувано е дека ќе се повтори на друго место: 3 месеци на ширење, ограничување и латентноста (вирусот станува неактивен). Ефектот врз глобалната економија ќе биде ограничен, но ќе има намалување на растот наместо назадување. Некои земји ќе влезат во рецесија за која голема е веројатноста да се случи, со или без вирусот. Ќе има скок на светските стапки на раст до крајот на оваа година поради пакетите за фискален стимул понудени од владите, заедно со подобрување во економската активност откако најлошото ќе заврши – појаснува аналитичарот Сем Вакнин.

Од Народна банка на Македонија посочуваат дека макроекономски показатели за домашната економија главно се движат во согласност со очекувањата, но ризиците од опкружувањето стануваат се понагласени.

– Новата вирусна инфекција, ковид-19, се одразува врз глобалната економија, а нејзините економски ефекти во целина сѐ уште се неизвесни и зависат од времетраењето и силината на овој неочекуван шок, што е од неекономски карактер. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од окружувањето, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика – соопштија од НБРСМ, по одржаната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.

Засега нема промени во монетарната поставеност што се заснова на поволните движења во домашната економија, кои се во рамките на очекувањата, но при истовремено значително зголемување на ризиците и неизвесноста за глобалната економија. Народна банка навестува дека ќе ја следи состојбата, а по потреба ќе презема мерки.