Фото: Дарко Андоновски

Од Народната банка појаснуваат дека најголемо олеснување во поглед на условите за кредитирање на корпоративниот сектор се забележува кај каматната стапка

Олеснување на кредитните услови од банките може да очекуваат компаниите во следниов период. Според анкетата за кредитна активност на Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ), направена меѓу 14 банки за нивната кредитна политика, може да се очекува олеснување на кредитните услови, а со самото тоа и зголемување на побарувачката на корпоративни кредити. Во своите одговори банките укажале дека во второто тримесечје на 2019 година се забележува нето-олеснување на условите за одобрување корпоративни кредити.

– За наредниот квартал од годинава банките очекуваат нето-олеснување на вкупните услови за одобрување корпоративни кредити, но поумерено, во споредба со очекувањата дадени во претходната анкета – е наведено во анкетата на НБРСМ, и додаваат дека најголемо олеснување во вториот квартал се забележува кај каматната стапка. Во однос на другите услови, банките укажуваат на мало нето-заострување кај барањата за обезбедување, а влијанието на големината на заемот и достасувањето на заемот е оценето како неутрално.

– Конкуренцијата од други банки е главен фактор што придонесува за олеснување на кредитните услови, но посилно во споредба со претходната анкета. Додека конкуренцијата од небанкарскиот сектор и од пазарното финансирање и натаму имаат мало влијание, кое придонесува за олеснување на кредитните услови – е наведено во извештајот на НБРСМ.

Се забележува поизразена промена кај факторите поврзани со пристап на банката до пазарно финансирање и ликвидносната позиција на банката за олеснување на условите за кредитирање. Очекувањата за вкупната економска активност и очекувањата за перспективата на гранката на која ѝ припаѓа претпријатието предизвикуваат нето-олеснување на кредитните услови. Додека ризикот од неизвршување на обезбедувањето и понатаму придонесува кон мало заострување на кредитните услови на корпоративниот сектор.

Во извештајот на Народната банка исто така е посочено дека влијанието на монетарната политика врз условите за кредитирање на корпоративниот сектор во вториот квартал бил незначителен врз нивната политика за одредување каматни стапки за корпоративните кредити.

– Процентот на банките што укажуваат дека промените во монетарната политика немале влијание врз каматната политика е намален на 2,3 отсто во споредба со претходната анкета (29,2 проценти). Додека 2,9 отсто од банките укажуваат дека промените во монетарната политика делумно придонеле за нивната каматна политика – појаснуваат од НБРСМ. Повеќето од банките, или 81,9 отсто, укажуваат на долгото време непроменети услови при одобрувањето кредити за претпријатијата.

Вреди да се спомене дека резултатите од анкетата меѓу банките укажуваат на зголемување на вкупната побарувачка на корпоративни кредити, што е поизразено кај големите претпријатија во однос на малите и средните. За наредните три месеци, банките и натаму очекуваат раст на вкупната побарувачка, но поумерен.
– Инвестициите во основни средства се главниот фактор што придонесува за зголемување на побарувачката на корпоративните кредити, но посилно во однос на претходната анкета. Инвестициите во резерви и обртен капитал и преструктурирањето на долгот исто така предизвикуваат зголемување на побарувачката – појаснуваат надлежните.

Упатените во банкарското работење велат дека со намалувањето на каматите на благајничките записи, НБРСМ им испраќа сигнал на банките дека треба да пласираат повеќе пари во стопанството и кај граѓаните. Ова на некој начин е сигнал за намалување на каматите на кредитите што ги даваат, но сепак банките прават свои калкулации пред да одлучат какви мерки ќе преземат.

– За разлика од комерцијални банки во развиените земји, кои зависат од централните банки, кај нас зависноста на комерцијалните банки од НБРСМ не е толку голема. Нивната ликвидност е доволно голема за да не зависат од нејзините одлуки – објаснува поранешниот гувернер Љубе Трпевски.

Тој додава дека поради големата ликвидност комерцијалните банки прават свои калкулации пред намалување на каматните стапки и дека се особено внимателни при давањето кредити за компаниите.

[email protected]