Засилувањето на активностите во сферата на финансиската едукација во земјава веќе дава видливи резултати, особено кај помладата популација којашто покажува зголемен интерес за стекнување знаења од областа на финансиите. Конкретна потврда на тоа, меѓу другото, е и интересирањето на дури 3000 ученици за учество на настаните поврзани со Европскиот квиз на парите коишто беа организирани во земјава и пред сѐ огромниот успех којшто го постигнаа нашите претставници на финалето во Брисел, Викторија Панова и Марко Инѓилизов – освоеното второ место во Европа.

Ова беше истакнато на средбата, утрово, организирана во Народната банка, на која меѓу другите присуствуваа и министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерот за образование, Арбер Адеми, по повод завршувањето на годинешното издание на Деновите на финансиската писменост, коешто според степенот на вклученост на граѓаните е најуспешно и најмасовно досега.

Честитајќи им за постигнатиот успех, на средбата, во име на Народната банка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска им даде симболични подароци на двајцата ученици од велешката гимназија „Кочо Рацин“ и на нивниот ментор Марјан Стојановски. Притоа, меѓу другото, таа нагласи дека централната банка секогаш ќе се труди на различни начини да им даде максимална поддршка и поттик на младите луѓе коишто покажуваат интерес за продлабочување на своите знаења од областа на економијата и финансиите.