Пратеникот Артан Груби предложи амандман на предлог-законот за енергетска ефикасност за допрецизирање на прашањето поврзано со правото на потрошувачот на топлинска енергија да користи поефикасен систем за централно греење или ладење. Амандманот беше прифатен од министерот за економија, Крешник Бектеши, како претставник на Владата.

Новината е дека секој граѓанин приклучен на системот на топлинска енергија ќе има можност да се исклучи од постојниот систем за греење само во случај кога системот на кој планира да се приклучи или системот што ќе го користи обезбедува подобри енергетски перформанси, односно е поефикасен и еколошки поприфатлив и го намалува користењето примарна енергија во споредба со системот за централно греење.

Истовремено, граѓанинот треба да обезбеди писмена согласност за исклучување од системот за централно греење и/или ладење од мнозинството од вкупниот број сопственици на посебни делови на зградата во согласност со Законот за домувањето.

– Во насока на обезбедување чист воздух, а истовремено примена на мерки за енергетска ефикасност, во иднина нема да има нерационални исклучувања од системот за топлинска енергија – велат од Министерството за економија.