Фото: Дарко Андоновски

Банкарските експерти се согласни дека клиентите мора да имаат доволно информации за тоа кои се трошоците за банкарските услуги и со колкава фреквенција тие се наплаќаат, со што ќе се елиминираат скриените трошоци

Месечно одржување на тековна сметка, трошок за електронско банкарство, надомест за плаќања во домашен платен промет, СМС-известување, каматна стапка на искористен износ на дозволено пречекорување на сметката, отворање и затворање трансакциска сметка, промена на пин, за предвремена исплата на рата за земен кредит, се само некои од долгиот список на банкарските услуги, кои тие им ги наплаќаат на граѓаните.

Физичките лица често не знаат кои трошоци банката им ги наплаќа на месечно, а кои на годишно ниво, а кои по извршена трансакција. Не знаат дали СМС се наплаќа паушално или по порака или не се наплаќа, дали електронското банкарство се плаќа еднократно или по извршена трансакција.

Банкарските експерти се согласни дека клиентите мора да имаат доволно информации за тоа кои се трошоците за банкарските услуги и со колкава фреквенција тие се наплаќаат со што ќе се елиминираат скриените трошоци. Најчесто се предлага воведување еднократен надомест за сет банкарски услуги, така клиентите ќе имаат прецизни информации што и како платиле и нема да се воздржуваат од користење банкомат или електронско банкарство. Поранешниот гувернер на Народна банка, Љубе Трпески, смета дека скриените трошоци мора да станат видливи, со што ќе се подобри и довербата во банкарските институции.

– Услугите што ги наплаќаат банките на граѓаните се најразновидни и тие се должни да им пренесат на сите клиенти кои се нивните права и обврски. Но, како што се создава конкуренцијата од година на година во банкарскиот сектор и како што тие ги намалуваат каматите на кредитите, така ќе дојде на ред и износот на овие услуги да се намали. Сето тоа е затоа што веќе новорастечките банки што се приближуваат кон големата тројка одат многу агресивно со намалени цени на услугите и само тоа може да го промени износот на скриените услугите – истакна Трпески.

Како што вели тој, приходите на банките се големи најмногу поради каматите на кредитите и на провизиите, не толку многу на услугите што ги наплаќаат.

– Бидејќи расте кредитната активност, а со тоа растат и услугите, и затоа се зголемуваат приходите на банките. Сметам дека тие се високи во споредба со поразвиените банкарски системи и каматите и услугите, но само конкуренцијата може да ги направи да бидат пониски – додава Трпески.

Сегашната обврска за банките е да ги информираат граѓаните за надоместоците што ги наплатуваат. При склучувањето на договорот со банката клиентите имаат право да знаат колку изнесуваат надоместоците.

– Наплатувањето различни провизии е втор по големина приход на банките. Банката сама го одредува износот што треба да се наплати. Пакетот услуги се наплатува помалку, но тоа е само привид дека тоа на граѓаните им се дава бесплатно – вели Зоран Балија, хрватски експерт за банкарско работење.

Законите што важат за банките мораат да содржат акцент на транспарентност, велат од Народна банка, додавајќи дека за граѓаните мора да е јасно кои се трошоците при подигнување каков било банкарски производ или користење банкарска услуга.
– Централните банки не може да влијаат на цените на производите што ги нуди банкарскиот систем. Меѓутоа, она што е наша задача индиректно преку промовирање на поголема конкуренција во банкарскиот систем, самата конкуренција природно да доведе и до поширока палета и до услуги за граѓаните – наведуваат од НБРМ.

Од Oрганизацијата за заштита на правата на потрошувачите велат дека некои од граѓаните се жалат дека пред да потпишат договор со некоја од банките не ги добивале сите информации за трошоците што им следуваат.

– Потрошувачот треба во целост и детално да го прочита договорот кога го склучува со банката. Со тоа би се осигурил да не може во иднина банката да го изманипулира и да му наплатува повеќе од тоа што првично имаат договор. Наедно, тие се обврзани да му ги дадат на клиентот сите стандардни информации околу вкупните трошоци. Стандардните информации треба да бидат дадени на јасен, прецизен и лесно видлив начин, преку репрезентативен примерок – објаснуваат од ОРМ.

[email protected]