Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поради големиот број увезени половни возила намалена е продажбата на нови возила, кои имаат многу подобри безбедносни перформанси во однос на употребуваните

Големиот интерес за користени возила не стивнува, па нивниот увоз продолжува со несмалено темпо. Бројот на увезени автомобили укажува на голема разлика меѓу набавката на стари и на нови возила. Иако, според познавачите, е добро што старите возила во Македонија беа заменети со нешто понови, сепак, неопходно е и тие да се заменат со понови.

Имено, во текот на оваа година, заклучно со јули, биле увезени 21.892 автомобила, од кои 3.562 се нови возила, а другите претходно користени. Доколку се погледнат месечните бројки ќе се забележи дека на месечно ниво се увезуваат околу три илјади возила, од кои околу 500 се нови.

Сличен интерес за увоз на автомобили имаме неколку години претходно, па, така, во 2017 се увезени вкупно 31.486 автомобили, во 2016 година 34.101, а во 2015 година 29.931 возила.

Големиот интерес и несмаленото темпо на увоз на возила укажува дека во земјава возниот парк значително се променил и се зголемил. Поради ова се наметнува прашањето дали на овој начин, се зголемува безбедноста во сообраќајот или, пак, поради преголемиот број возила што сега се возат по улиците безбедноста е намалена.

– Бројот на возила и бројот на возачи, а со самото тоа и интензитетот на сообраќајот во Република Македонија, континуирано се зголемува. Според неофицијалните податоци, од 2002 година до 2017 година бројот на возила во Република Македонија се зголемил од 250.000 на приближно 550.000 возила. Ваквото значително зголемување на бројот на возила во голем дел се должи на големиот увоз на половни или употребувани возила во Република Македонија – велат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Претставниците на советот укажуваат дека од една страна големиот број увезени половни возила придонесе да се заменат старите и небезбедни возила со понови и побезбедни, што во основа значи и подобрување на безбедносните перформанси на возниот парк во Република Македонија.

Сепак, исто така додаваат дека поради големиот број увезени половни возила намалена е продажбата на нови возила, кои имаат многу подобри безбедносни перформанси во однос на употребуваните возилата што континуирано и интензивно се увезуваат во Република Македонија што, пак, негативно влијае на севкупната безбедност на возниот парк во Република Македонија.

– Заклучокот е дека со увозот на употребувани возила може да се подобрат безбедносните карактеристики на возниот парк во Република Македонија. Затоа е потребно континуирано да се следат состојбите и да се прави дополнување на регулативата и постепено да се наметнуваат повисоки стандарди за увоз на употребувани возила, да се менуваат другите економски политики за да се создадат предуслови за намалување на цените на новите возила и на тој начин истите тие би биле поприфатливи и приспособени на стандардот на граѓаните – објаснуваат од РСБСП.

Дека финансискиот аспект игра голема улога при изборот на автомобилот, особено при одлуката дали да се купи ново возило или веќе користено, потврдуваат и увозниците. Сепак, тие укажуваат на уште еден тренд, а тоа е побарувачка на понови возила.
– Во последниве месеци повеќето купувачи бараат не многу користени возила, односно понови автомобили и со помала километража. Многумина се пребирливи и во поглед на брендот. Подготвени се да одвојат и повеќе пари од претходно, кога се купуваат исклучиво поевтини автомобили, за возилото да ги служи повеќе години или, пак, да избегнат чести поправки – вели еден увозник на поволни возила.


Карактеристиките на возилата пресудни за безбедноста во сообраќајот

Ако го имаме предвид фактот дека во 2002 година со 250.000 возила во Република Македонија, 176 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а во 2017 година, со повеќе од 500.000 возила животот го загубиле 155 лица, и ако го земеме предвид фактот дека бројот на возачи и бројот на поминати километри постојано се зголемува, можеме да кажеме дека безбедноста во патниот сообраќај во Република Македонија бележи тренд на подобрување.

– Ова не значи дека безбедноста на сообраќајот е на потребното и на посакуваното ниво. Напротив, безбедноста во сообраќајот треба значително да се подобри, а подобрување на безбедносните карактеристики на возниот парк е еден од клучните фактори од кои зависи безбедноста во патниот сообраќај. Затоа РСБСП истакнува дека при креирање регулативи, решенија и мерки што се однесуваат на возниот парк во Република Македонија треба да се земаат предвид сите параметри (животниот стандард, економската состојба, еколошките потреби итн.), но пред сѐ треба да се води грижа за безбедносните карактеристики на возилата – појаснуваат од советот.