Фото: Маја Јаневска-Илиева

По злоупотребата на имејл на НЛБ банка

Испратени се лажни електронски пораки од страна на непознат испраќач, кој фалсификувајќи го идентитетот на НЛБ банка АД Скопје и користејќи го логото се обидува да извлече доверливи податоци од целната група. ИТ-инженерите посочуваат дека граѓаните секогаш со големо внимание треба да им пристапуваат на сите електронски пораки, и во случај кога се појавува нешто сомнително не треба да ги отвораат пораките или, пак, прилозите во нив

Се појавија нови обиди за манипулација на граѓаните и за злоупотреба на логото и името на позната компанија во Македонија. Како што веќе е познато во јавноста, голем број граѓаните добија електронски пораки во име на НЛБ банка во кои се посочува дека е извршен трансфер и дека им е испратена копија. Како општествено одговорна компанија, НЛБ банка веднаш ги демантира овие електронски пораки, и објави дека истите тие не се од нивната компанија, напоменувајќи дека сите нивни имејлови се со дигитален сертификат. Наедно им беше посочено на граѓаните дека не треба да го отвораат прилогот на пораките за да се заштитат од злоупотреба на податоците.
– НЛБ банка АД Скопје известува дека се испратени лажни имејлови од страна на непознат испраќач, кој фалсификувајќи го идентитетот на НЛБ анка АД Скопје и користејќи го логото, се обидува да извлече доверливи податоци од целната група до која е испратен овој имејл – е наведено во нивното соопштение. Тие исто така укажуваат дека „физички и правни лица (клиенти меѓутоа и лица што не се клиенти на банката) добиваат пораки од е-адресата: NLB Banka AD <[email protected]>, со предмет на пораката: Интербанкарна трансферна исплата/TT-payment.

Од банката се оградуваат од овие пораки и апелираат до сите оние што ќе добијат електронска порака да не го отвораат прилогот на пораките пристигнати од е-адресата: NLB Banka AD <[email protected]> за заштита од злоупотреба на податоците.
– Доколку ваквите пораки заедно со прилозите биле веќе отворени, потребно е да се обратите за помош до ИТ-професионалец. НЛБ банка АД Скопје истакнува дека сите нејзини известувања испратени преку електронска пошта се потпишани со дигитален сертификат. Во меѓувреме, банката ги презема сите неопходни активности за справување со конкретната ситуација – додаваат од НЛБ.

Претставници на ИТ-секторот посочуваат дека со вакви пораки испраќачот може да има различна цел, и дека граѓаните преку соодветна едукација треба да научат како да препознаат дали станува збор за лажна е-адреса.

– Целите на вакви пораки се различни. Некои можат да ги преземат сите податоци од компјутерот, додека, пак, други го насочуваат корисникот кон следење страни, кои потоа бараат плаќање разни услуги во биткоини. Можно е и да се следат активности на корисникот за да добијат повеќе податоци. Во вакви ситуации најважно е граѓаните да препознаваат лажни од вистински имејлови, односно најбитна е едукацијата кај корисниците. Исто така е потребно да имаат соодветна софтверска заштита поставена на своите уреди. Но и покрај софтверските решенија, кои ги имаат компаниите или обичните граѓани, може да се случи да им стигнат имејлови со вируси – велат упатените во оваа проблематика.

Поради овие појави ИТ-инженерите посочуваат дека граѓаните секогаш со големо внимание треба да им пристапуваат на сите електронски пораки, и во случај кога се појавува нешто сомнително не треба да ги отвораат пораките или, пак, прилозите во пораките.

Ова не е прв обид да се измамат граѓаните во Македонија со претставување во име на познати компании или веќе етаблирани брендови во земјава. Сличен обид имаше и на почетокот на годинава, кога беше злоупотребено името на Народната банка на Република Северна Македонија, која исто така испрати соопштение со кое им посочуваше на граѓаните кои се нивните официјални контакт-адреси.

Пред краток период граѓани беа измамени и преку лажна наградна игра со која им беа украдени и лични податоци, но и пари од сметките. Во овој случај во измамата граѓаните беа вовлечени со праќање пораки со името и логото од нивниот мобилен оператор, во кои им се ветува мобилен телефон за 62 денари, но по уплатата на тие средства, од нивните трансакции им биле повлекувани дополнителни суми.